„Среќен како Лазаро“ е ода на невината некорумпираност

...„режијата, сценариото, кинематографијата, продукцискиот дизајн, костимите, кастингот и монтажата се дело на жени кои успеале невулгарно да ја доловат есенцијата на еден млад маж. Камо обратното да беше вистина.“

Кон „Среќен како Лазаро“ во режија и сценарио на Алиса Рорвахер, кинематографија на Хелена Луварт.

Оцена: 5/5

Многу ретко човек налетува на филм толку топол,но сепак донесува чувство на длабока персонална трагедија. Такво остварување е победникот за најдобро сценарио на Канскиот фестивал во 2018 година, „Среќен како Лазаро“. Оваа награда е следната во низа признанија на реномираната италијанска режисерка Алиса Рорвахер која за прв пат во Кан се закитила со Големата награда од жирито во 2011 за „Чудесата“. Таа овде креира безнадежно сладок и наивен лик, кој ја исполнува секоја сцена со својата некорумпирана добрина. Неговата детска невиност и чистота е некогаш дури непријатна за гледачот и остава слатко-кисела нота врз целиот филм.

Имено, уште во првите десетина минути во прекрасните,живописни кадри од италијанските рурални предели на Хелена Луварт постои неспокојство и тензија во начинот на кој што тој е третиран. Како што вели Маркизата на земјата која што ја обработуваат младиот Лазаро и неговото посвоено семејство, „Ние ги експлоатираме работниците за тие да го експлоатираат него за возврат“. Тоа е подлиот животен циклус на човекот.

Користејќи ги авантурите на лековерниот сирак Лазаро (Адриано Трдиоло во неговото долгометражно деби) за да испрати критика кон трагедијата во Италија на премин од материјален Среден век кон некој човечко-експлоатирачки Среден век, Алиса Рорвархер компонира неверојатно сценарио полно со разочарување, но и трошка надеж. Инспирирана од вистински настан каде моќна земјопоседничка тајно ги лажела своите вработени дека феудалниот систем сè уште постои во модерното доба, без притоа да им компензира ни цент за нивната работа, ликот на Лазаро е бесценет дијамант. Колку и да е искористен, тој секогаш наоѓа начин да застане на нозе од каде произлегуваат и дел од фантастичните елементи во приказната. Тој започнува силно пријателство со разгалениот син на маркизата кој го лаже и манипулира на милион начини, но самото тоа што го признава како посвоен брат му дава чувство на припадност и лојалност.

Дури и откако ќе поминат многу години и светот околу него драстично ќе се измени, Лазаро останува верен на своите корени. Тој со сите негови сили и добри намери им помага на селаните откако ќе се „ослободат“ од лажната газдарица и ќе преминат во големиот град, па продолжува и лојално да го бара својот посвоен „брат“ кој не ја заслужува неговата наклонетост. Тоа дејство совршено се преклопува со продукцискиот дизајн и палетата бои кои како да си играат со перцепцијата на гледачот. Дејството може да се одвива во 20 или 21 век и тоа нема да е забележливо ако не се внимава на малите траги од технологија. Музиката и нејзините ефекти доволуваат да трајно се добие ефектот на безвременост, каде звуците од селото и од градот се ставени во фокус како еден контраст на принципи.

„Среќен како Лазаро“ е едно неверојатно филмско остварување и лекција која не изнудува чувства на евтин начин. Тоа е и доказ за напредокот на европската кинематографија во давање еднакви шанси – режијата, сценариото, кинематографијата, продукцискиот дизајн, костимите, кастингот и монтажата се дело на жени кои успеале невулгарно да ја доловат есенцијата на еден млад маж. Камо обратното да беше вистина.

Петра Бранковска

Have your say