Кон „Сите знаат“ во режија и сценарио на Асгар Фаради, кинематографија на Хозе Луис Алкен.
Оцена: 3/5.
Откако успешно се пробил во светската кинематографија со еден од фаворитите на светската критика „Разделба“, иранскиот оскаровец Асгар Фаради доби статус на миленик. Неколку години подоцна, тој е архитектот на уште еден филм кој длабоко резонирал со светското социјално и политичко движење – „Продавач“. Како човек со таква репутација, кој доби статус на експерт во прикажување на интимната човечка состојба и неговата борба во екстремно репресивни општества, „Сите знаат“ бил замислен како хет-трик каде драмата кружи околу неговите комплексни но длабоко несовршени ликови. Дел од тој исказ е донекаде вистина, но ова 132 минутно дело повеќе наликува на бледа копија на стилот на Педро Алмодовар отколку на оригинална психолошка мистерија.

Споредбите со опусот на големиот шпански маестро не се неосновани. Приказната се одвива во мал град близу Мадрид каде Лаура (Пенелопе Круз која како да го глуми истиот лик од „Враќање“) го поминала своето детство. Таа живее во Аргентина со својот сопруг (Рикардо Дарин, убедлив, но недоволно искористен) и деца, па се враќа дома на неколку дена поради свадбата на нејзината сестра. Иако атмосферата во која таа се наоѓа е навидум безгрижна и исполнета со радост, гозба и задоволство, не поминува многу време пред сè да тргне наопаку.
Нејзината ќерка е набргу киднапирана, па тоа предизвикува домино од настани и неочекувани откритија на страшни тајни кои навидум биле закопани со години. Се чини дека единствено Пако (Хавиер Бардем, несекојдневно просечен во недоразвиен лик) ги открива мистериите заедно со гледачот, зaтоа што сите други знаат за што станува збор. Тој е бившиот љубовник на Лаура кој најмногу страда како од својата игнорантност, така и од начинот на кој што овој филм го третира. Преку него и неговите нови сознанија би требало да има сочуство и разбирање, но приказната е толку тенка и позната што интересот не постои.

Веќе во 30-тата минута од филмот може да се претпостави крајниот исход, но недостигот на оригиналност можеби не е ни најголемиот проблем. Мелодрамата која Педро Алмодовар ја има максимално искористено и доведено до перфекција кај Пенелопе Круз, тука е една состојка премногу. Болката и немоќноста на Лаура е намерно истакната преку нејзиниот изглед и шминка, а камерата и боите на леќите ја засилуваат атмосферата на евтина шпанска сапуница. Не постои никаква дилема дека голем број од луѓето кои уживаат во таа уметност ќе ги забележат паралелите: дури и музиката на Хавиер Лимон е прилагодена нагло да ги менува тоновите при откривање на „шокантните“, клише мистерии.

За волја на вистината, „Сите знаат“ е првиот филм на шпански јазик кој Асгар Фаради самостојно го режирал и напишал. Тој е од Иран, па можеби јазичните бариери претставувале преголем залак. Сепак, со неговото беспрекорно резиме и кастинг на две не само шпански, туку и светски ѕвезди како и аргентинската супер ѕвезда Рикардо Дарин (од „Тајната на нивните очи“), тој успеал со овој филм да го отвори престижниот Кански фестивал во 2018. Штета што звуците од аплаузите не биле толку силни колку неговата амбиција.
Петра Бранковска