Сите пијат, а никој не плаќа во „Смртоносни машини“

„Збиеното дејство, некохерентните ликови и веќе видените блокбастер стереотипи го прават „Смртоносни машини“ невпечатлив и заборавлив.“

„Смртоносни машини“, најновиот филмски производ на Питер Џексон, врие од приказни, ликови и неисполнет потенцијал.  Адаптиран од книгите на Британецот Филип Риив, филмот прикажува дистописки свет во кој градовите-држави повторно се враќаат на глобалната сцена. Илјада години откако последната голема војна ќе го опустоши светот, концептот на суверени држави регресира според принципот на „општински дарвинизам“. Современите градови сега се мобилни, моторизирани. Лондон, најпознатиот од нив, преживува како предатор, ловејќи ги помалите градови и нивните жители.

Еден од главните архитекти на развојот на Лондон е Тадеус Валентајн (Хуго Вивинг). Во градот пристигнува Хестер Шо (Хера Хилмар) која сака да го убие Валентајн, обвинувајќи го за смртта на нејзината мајка. Во целата приказна случајно се заплеткува и Том Натсворти (Роберт Шиjан), археолог кој ги проучува технологиите на древните, напредни цивилизации. И тој има сопствени тајни, кои можат да ја загрозат иднината на градот – и на светот.

Во филмот се појавува и редица други ликови, како Ана Фенг (Џихае), бунтовничка и одметничка, или Шрајк (Стивен Ленг), бесмртниот противник на Хестер Шо. Сите овие ликови имаат своја улога во главниот наратив, кој се врти околу страшните и мистериозни планови на Валентајн. Плановите на Валентајн се смислени по позната и веќе излитена формула, што и не е некое големо изненадување за ваков блокбастер. Големиот број споредни ликови и приказни кои дефилираат низ филмот е негова главна кочница. Хестер и  Том брзо се уназадени во епизодни улоги. Дејството полека почнува да ја губи насоката и да се раслојува.

Режисерот – дебитант Кристијан Риверс (Christian Rivers) е соочен со многу различни нишки кои треба да се истражат и разрешат. Тој наметнува брзо темпо, па филмот галопира низ различни пејзажи и локации – визуелно впечатливи, но наративно недоразвиени. Наместо унифицирана насока, сите овие фрагментирани приказни се борат за вниманието на публиката, но без вистинска емотивна тежина.

Зад сценариото стои триото од „Господарот на прстените“ и „Хобитот“ – Питер Џексон, Френ Волш и Филипа  Бојенс. Обидот по третпат да адаптираат популарна серија на романи овде потфрлил. Мотивациите и карактерите на ликовите често се менуваат од сцена во сцена. Хестер пати од неконзистентност – најавена како силна и одлучна, за потоа постојано да ѝ биде потребна помош „од надвор“. Ако првата ваква ситуација е изненадување, останатите се само заморни. Том, пак, е толку недоизграден како лик што Шијан нема материјал од кој може да го игра. Вивинг е нешто подобар во улогата на Валентајн, со својот суптилен говор на тело и вистински емоции на лицето. Филмот е опасно блиску до тоа главниот антагонист да биде посимпатичен на публиката од јунаците.

Љубопитството за тоа како ќе заврши приказната брзо се губи под нападот на овие проблеми. Повеќе од млакиот впечаток за филмот, останува прашањето кој воошто дал зелено светло за оваа милионска продукција? Збиеното дејство, некохерентните ликови и веќе видените блокбастер стереотипи го прават „Смртоносни машини“ невпечатлив и заборавлив. Единствен исклучок од ова е визуелната репрезентација на еден несекојдневен свет, чии приказни заслужуваат подобра адаптација, а чии ликови повеќе внимание.

Атанас Димитров

Have your say