Неподносливата тешкотија на растењето

...„и социолошки осврт на вечната дебата за влијанието на природата наспроти опкружувањето, и трезвено сведоштво за двојните стандарди кога е во прашање женската сексуалност, но и добро осмислена студија на карактер на една тинејџерка која преку компулсивно лажење и семејни сплетки се гради како личност. “

Кон „Сестра“ во режија на Светла Цоцоркова, кој ја доби главната награда во селекцијата СинеБалкан на годинешното издание на Фестивалот на европски филм Синедејс.

Оцена: 3.5/5

Што значи да се биде жена во Бугарија денес? Колку економската (не)зависност на жените и социо-културните притисоци влијаат на емоционалните врски жените кои ги градат со најблиските? Каков е односот помеѓу возраста и степенот на женска издржливост, особено кога станува збор за тешки животни искуства? Вториот долгометражен филм на режисерката Светла Цоцоркова, „Сестра“ истовремено е и социолошки осврт на вечната дебата за влијанието на природата наспроти опкружувањето, и трезвено сведоштво за двојните стандарди кога е во прашање женската сексуалност, но и добро осмислена студија на карактер на една тинејџерка која преку компулсивно лажење и семејни сплетки се гради како личност. 

Тинејџерката Рајна (Моника Најденова) живее во мал неименуван град во Бугарија, заедно со својата мајка (Светлана Јанчева) и постара сестра, Камелија (Елена Замјаркова) која е во врска со локалниот бељаџија Миро (Асен Блатечки). Трите генерации жени едвај заработуваат за живот преку обработка на глина и продажба на глинени фигури. Во овој мал хелиоцентричен систем наречен семејство, Рајна е во позицијата на Сонцето. Буквално сѐ што се случува на големото платно публиката го доживува преку нејзиниот лик – од невините лаги со кои мами емпатија кај случајните минувачи за да заработи повеќе, преку песната со која речиси сите машки ликови во филмот ја задеваат Рајна за нејзиното сексуално созревање, до навидум злонамерната приказна за тајната врска со Миро поради која се случуваат централните конфликти во филмот. 

Додека филмското дејство орбитира околу детално изградениот лик на Рајна, нејзините мајка и сестра се речиси еднодимензионални карактери, прототипи позајмени од литературните класици кои Овчаров и Цоцоркова со минимален труд ги прилагодиле за живот во модерната Бугарија. Спротивно на ова, сценаристите со ликот на Миро храбро исчекоруваат од стереотипот за суровиот балкански маж и активно посочуваат на важноста на емоционалното созревање. Токму ова му овозможува на Миро прв да погледне преку лагите на Рајна, да ја разбере нејзината потреба за поддршка во процесот на растење, и потоа да ѝ помогне во комуникацијата со нејзините мајка и сестра, за конечно да го изгради функционалното семејство кое толку го посакува.

Во првите две третини од „Сестра“, драматичната приказна за созревањето на Рајна се развива полека и умерено, но при крајот, филмот го губи својот моментум, а дијалозите стануваат неприродни. Слична траекторија имаат и обидите на Цоцоркова за баланс помеѓу едноставни сцени од секојдневниот живот (во кои класична музика ја подвлекува невидливата грандиозност на неопходната работа за парче леб) и емоционално експлозивни интеракции, кои во финалето на филмот опасно се тетерават на линијата помеѓу длабока потресителност и невешт воајеризам. Сепак, вештата монтажа (Цоцоркова) го засилува емоционалниот ефект на непредвидливото филмско темпо, а автентичноста на филмскиот сет и композициски феноменалните кадри (Веселин Христов) надокнадуваат за збунувачките наративни одлуки. 

Идејната срцевина за женското осамостојување во „Сестра“ би била уште побледа без одличната актерска игра. Јанчева и Замјаркова се прецизни во своите релативно едноставни ликови, додека Блатечки осцилира помеѓу мачо балканец и „душа од човек“ со неверојатна леснотија. Сепак, најголемите комплименти ги заслужува Најденова која, иако не е професионална актерка, совршено ги користи сите свои адути. Со својот изглед невообичаен за балканското поднебје, извонредната фацијална експресивност и остриот поглед, Најденова гради магнетски привлечен лик со кој гледачите сочувствуваат, дури и во моментите кога Рајна бескрупулозно лаже и ги манипулира најблиските. Фокусот на играта на Најденова е толку силен што, на моменти, „Сестра“ изгледа какo портфолио на актерката во подем, релативно долг show reel во кој публиката ги гледа сите нејзини лица.

И покрај сите недостатоци, вториот долгометражен филм на Цоцоркова е неверојатно моќен во својата реалистичност и плејадата карактери кои заслужено изнудуваат емпатија од гледачите. На крајот на филмот, во воздухот лебди прашањето: дали целта ги оправдува средствата? „Сестра“ како да се обидува да нѐ убеди дека не е важен начинот на кој се стигнува до семејна хармонија, дури и кога тоа вклучува лаги и повредување на своите блиски. 

Јована Ѓорѓиовска

Have your say