Откако „Си било еднаш во… Холивуд”, деветтиот филм на Квентин Тарантино, ја доби својата светска премиера, во исто време ја раздели историјата на две парчиња. Во вистинската историја „шеесеттите” нагло завршија со кошмарното убиство на една глумица и нејзините четири пријатели од членови на Мансоновата комуна. Во Тарантиновата историја, одмаздата е главен двигател на бајката која следи. Таму, „Аут оф Тајм“ од Ролинг Стоунс свири на радиото во еден од многуте „олдтајмери“ кои возат на булеварот „Сансет“ каде во 1969 година во Холивуд, можеби, навистина времето истекува за еден глумец и неговиот каскадер. Хипи-движењето е во пораст и филмската индустрија ја рефлектира оваа промена со тоа што главните ликови не се повеќе класичните „мачо” глумци со нивната средена коса и скроена облека, туку се заменети со разбушавените андрогини анти-херои кои се лидери на контракултурата.

Од едната страна на оваа борба за постоење се глумецот Рик Далтон (Леонардо Ди Каприо) и неговиот каскадер Клиф Бут (Бред Пит), каде двајцата работат во индустрија која повеќе не ја препознаваат. Рик е присилен да глуми „лошко” во различни ТВ серии, каде се појавува само во една епизода, која обично завршува кога неговиот лик е претепан од страна на херојот. Ова е лошо за неговата самодоверба како личност и како глумец, чија и во самиот почеток не е воопшто сјајна. Клиф, неговиот каскадер, е поранешна зелена берета и како што текот на филмот се одвива во три дена, ќе ја има својата шанса да прикаже колку е смирен, бестрашен и неверојатно смртоносен.

Во целата оваа несигурност на „што следи утре?”, иднината пристигнува во форма на глумицата Шерон Тејт (Марго Роби) и полскиот режисер Роман Полански (Рафаел Завирука), новите соседи на Рик на легендарната улица „Сиело” во западниот дел на Лос Анџелес. Всушност, не е воопшто тешко да се забележи колку Тарантино е заљубен во Шерон бидејќи неговата 1969 година ја крева девојката од „Куклин дол” на пиедестал и како на тркала ја турка низ шарениот Холивуд каде се журка во палатата на Плејбој со Мама Кес, гледа филмови во кино и завршува разно разни обврски низ градот. Тарантино ѝ овозможува да живее со тоа што ја крши навиката нејзиното постоење да биде асоцирано со нејзината трагедија.
„Си било еднаш во… Холивуд” има значајно чувство на локација и ера. Се чувствува среќата на Тарантино кој после три филмови конечно може да снима сцени во кои неговите ликови возат прекрасни коли и тој може да го употреби својот безгрешен репертоар на рокенрол песни. Но во исто време ова е и еден од неговите најсмирени филмови бидејќи во дваесет и седмата година од неговата кариера, ова „мемориско парче“ ги отсликува зрелите инструменти на неговиот филмски инкубатор.

Зборовите „најсмирени” и „зрели” прават коматозна починка во третиот чин каде се заменети со крвава одмазда која во исто време не може да си помогне, а да не изгледа смешна. Во третиот чин Тарантино кине дел од историските страници и ги заменува со страниците од неговото сценарио, каде, тој, лично преку неговото пишување, брутално се одмаздува за убиството на Шерон Тејт… во негов стил. Тројцата хипи членови под влијание на дрога и „библиските инструкции” на нивниот Бог, Чарлс Менсон (Дејмон Хериман), се наоружани со ножеви и спремни да го извршат вештерското убиство на Шерон и нејзините пријатели… само што не се свесни дека се наоѓаат во Тарантиновата 1969 година. А таму, се пречекани од Клиф Бут (под влијание на цигара измешана со ЛСД и самодовербата која го заплеска Брус Ли), неговото куче Бренди и мортус пијаниот Рик. Тројката им приредува урнебесен масакр и успева да го продолжи летото на љубовта и ерата на „шеесеттите”, каде портите на иднината се отвораат и прават место за сите под чадорот на Холивуд.
Ах, како Клиф навистина не живееше до Шерон.
Марио Петковски