Кон „Првиот човек на месечината“ во режија на Демијан Шазел, сценарио на Џош Зингер, кинематографија на Лајнус Сандгрен.
Оцена: 4.5/5.
Квалитетот на холивудските биографските филмови е таков да тие најчесто се користат како доказ за познавање на општата култура и покажување на статус при секојдневни разговори помеѓу луѓето на кафе пауза од работа. Обработката на личноста на Нил Армстронг во долгометражно издание ги подига истите стравови, но тие за среќа се неосновани. Најмладиот носител на признанието за најдобар режисер во историјата на Оскарите, Демијан Шазел прави хет-трик при адаптација на официјалната биографија на првиот човек на месечината – носејќи ги и најголемите скептици до Месечината и назад, буквално.
Дел од приказната е добро познат – пилот од НАСА, Нил Армстронг (Рајан Гослинг, невозможно дисциплиниран, суптилен и убедлив) е регрутиран да биде дел од вселенската програма на САД во трката со Советскиот Сојуз. Она што не е познато е психичката состојба на човекот и сите лични трагедии и загуби со кои се соочувал во секој момент од неговиот живот.
Иако во потполно среќен брак со Џенет (Клер Фој, игра силен и страствен лик со огромна доза самоконтрола и доминација), нивната заедница страда од загуба на малата ќерка од тумор, секојдневен стрес и огромната стапка на смртност на сите луѓе во нивното опкружување. Лик со огромен психолошки товар на него е огромен потфат за секаков актер, но Рајан Гослинг го игра Армстронг како интелегентен и приватен самотник кој има огромна трагедија во погледот, а и дисциплина за да стигне до целта по секоја цена.
Камерата ефективно користи ладни тонови и такви ефекти што гледачот инстантно се транспортира во атмосферата на 60-тите години од минатиот век. Таа го зграпчува секој можен момент за да се фокусира на неговата состојба, а режисерот ни еднаш не дозволува да се заборави дека тој и само тој е фокусот на целиот филм. Сè што се случува – неуспешните лансирања, сите проби и евентуалното слетување на месечината се само позадина во откривањето и лупењето на сите слоеви за да се дојде до вистинскиот Нил Армстронг. Тоа не значи дека нивната реализација не е на завидно ниво – Шазел експертно доловил физиката во вселената и сè што се случува таму да е што е можно повеќе точно како во вистинскиот живот. Музиката на Џастин Хурвиц која го придружува леталото е совршено амбиентална, хармонична но никогаш преовладувачка, па парира на онаа на Ханс Цимер за „Интерстелар“.
„Првиот човек во вселената“ сепак не е за сите. Голем број луѓе не би биле фанови на бавното темпо и немањето на доволно акција и класична драма, што всушност го прави овој биографски филм поуникатен. Од оскаровецот „Прекрасен ум“ на режисерот Рон Хауард па се до наградуваниот „Игра на имитирање“ на Мортен Тилдум, филмската индустрија е полна со просечни, монотони филмови во кои е земена огромна доза на креативна слобода со историските факти, а овој не е таков. Можеби спуштањето на природниот сателит сè уште претставува заговор и енигма во одредени кругови, но човекот зад овој гигантски настан е конечно откриен.
Петра Бранковска