Кон „Главна автобуска станица“ во режија на Томас Елшик, сценарио на Томас Елшик и Кристина Недведова, кинематографија на Томас Елшик и Ондреј Белица
Оцена: 4.5/5
Израелските архитекти во 60-тите години од минатиот век подготвувале нешто огромно што би ги засенило сите други транспортни инфраструктури во светот. Како нова земја која гордо сакала да ја истакне својата експертиза и моќ поттикната од бранови свеж патриотизам, Израел официјално ја отворила станицата во 1993. Најголема автобуска станица на светот, 230 000 метри квадратни, 7 спрата, но и воедно катастрофална грешка. Што предизвикало колапс на раниот утописки сон? Зошто, по толку години изградба, таа брзо се претворила во полунапуштен, запуштен простор опкружен со срамна сиромаштија во центарот на една богата суперсила на Блискиот Исток? Одговорот е доста едноставен – практикување на сомнителни политики.
Јонатан е човек со интересна животна приказна. Израелец кој како многу мал имигрирал во САД, за после долги години повторно да мора да се врати во земјата од каде што потекнува, но не по своја волја. Во текот на периодот на самоспознавање, бес и лутина кон израелските политики на нагласен национален идентитет и репресирање на сè останато, тој нашол утеха во огромните празнини на главната автобуска станица. Таму е водич веќе 17 години и дава алтернативен, сиров и нефилтриран поглед кој нема заедничка точка со модерниот, динамичен и богат Тел Авив. Станицата е „црна дупка“ – Јонатан објаснува како целата конструкција е дизајнирана човек да изгуби чувство на ориентација, односно да биде вшмукан во еден вакуум контролиран од властите.
Иако овој документарец е долгометражно деби (и магистерска теза) на чешкиот режисер Томас Елшик, тоа ретко доаѓа до израз. Како кинематограф тој користи повеќе видови на различни камери за да пронајде автентична слика која е засилена со тензичниот музички аранжман на Доминик Долејзи. Неговата визија нè носи во сите слоеви на станицата каде што судбината на доселениците е мрачна како и самите кадри. Во една суптилно режирана сцена каде едвај може да се види лицето на говорникот кое намерно е покриено со темен филм, тој раскажува за својот работен ден од 16 часа и за убиство што се случило во негова непосредна близина. Тој е само еден сведок од илјадниците дојденци кои ги работат сите неблагодарни работни позиции, а ни еден од нив не може да направи нешто во врска со тоа.
Изборот на една ваква комплексна тема проткаена со чувствителни прашања околу националниот идентитет, (не)оправданоста на политичките активности и третманот кон помалку моќните луѓе е доста голем потфат за млад филмаџија. Сепак, Томас изградил врска базирана на обострана доверба со својот субјект што ниеден гледач не може да остане индиферентен на нивната кауза. Прашањето е само дали публиката ќе ја поддржи или тотално ќе ја отфрли идеологијата која сакаат да ја пренесат.
Петра Бранковска