Кон „Aнгел истребувач“ (1962) во режија на Луис Буњуел. Сценарио: Луис Буњуел и Луис Алкориза, директор на фотографија: Габриел Фигуера. Главни улоги: Силвија Пинал, Жаклине Андер, Енрике Рамбал. „Њу Јорк Тајмс“ го прогласи за еден од 1000 најдобри филмови на сите времиња, а на Канскиот Филмски Фестивал во 1962 ја доби и наградата Фипресци од интернационалната филмска критика.
„Aнгел истребувач“ е сатирична надреална драма за група буржуи кои одат на вечера во раскошна куќа, од која поради непознати причини нема да можат да си заминат неколку дена, останувајќи заробени во главниот салон. Филмот е една мала алегорија за внатрешните и суштинските потреби и однесувања на аристократите изложени на (за нив) непознати услови. Уште на почетокот, пред вкрстувањето и судирот на двете класи, слугите решаваат да ја напуштат вилата без темелни оправдувања, па со ова режисерот најавува рушење на хиерархијата во овој мал систем кој ќе биде во центарот на приказната до самиот крај. За време на богатата вечера и потоа на малата забава во дневната соба преку дијалозите полека се откриваат различните карактери и животите на протагонистите, а паралелно со тоа се добива и комплетна слика за аристократскиот начин на живот кој е воедно и највозвишениот момент по кој сè како во бездна ќе започне да паѓа надолу.

Буњуел ја започнува приказната многу суптилно со домаќините Едмундо (Енрике Рамбал) и неговата сопруга Лусија (Луси Галардо) кои во самиот иницирачки инцидент на драмата се сведоци на гости кои наместо да ја напуштат просторијата, остануваат да ја преноќат вечерта нарушувајќи го основниот кодекс на облекување. Иако во прв момент тоа изгледа шокантно, вештината на Буњуел за сатирата и иронијата во настаните и кај ликовите, прави домаќините да се придружат кон тоа што за нив изгледало невозможно. Токму во таа насока се одвива и целото дејство. Постапно, аристократите почнуваат да ја сфаќаат сопствената немоќност за напуштање на просторот во кој се наоѓаат, за подоцна полека да се откријат сите најдлабоки инстинктивни животински потреби. Ликовите не пропуштаат прилика да се обвинат меѓусебно за настаните кои се случуваат, па така домаќините во еден момент се обвинети за ситуацијата, која според едниот гостин е целосно инсценирана.

Едмундо е единствениот лик кој се грижи за редот и мирот во салонот, а покрај него е и Летиција (Силвија Пинал) која се одвојува од групата, во улога на „мајка“, исполнувајќи ги секому примарните желби и потреби. Приказната својата кулминација ја достигнува во моментот кога ликовите кршат ѕид и цевка од водоводот во недостиг на вода. А, подоцна, дел од мебелот и инструментите ќе бидат запалени со цел гостите да се прехранат со јагнињата кои случајно залутале во нивниот салон. Единствено кај Летиција останува емпатијата (на едното јагне му ги врзува очите пред да биде заклано), додека другите дури и на смртта гледаат незаинтересирано (телата на старецот и младиот заљубен пар ги ставаат во плакар како ништо да не било – поважно е што тие се немоќни да излезат од салонот). Дивјаштвото во овие моменти и кај овие луѓе се состои од губење на способноста да се грижат дури и за својата класа, со што грижењето се сведува единствено на индивидуално ниво.

Политиката и идеалите зад кои стои Буњуел во претходните филмови е секогаш иста, па така ваквата алегорија во „Ангел истребувач“ потсетува и на ситуацијата со владејачката класа во Франковата Шпанија во тој период. Буржуите по победата во граѓанската војна, заробени во сопствениот свет кој сами го создале, ги покажуваат своите најмрачни тенденции, изолирани од надворешните влијанија и пониските класи. За ваквата изолираност и вештачките граници кои не можат да се преминуваат, свој белег остава и камерата на Фигуера, која на моменти го прикажува салонот од соседните простории чиј премин е целосно отворен, а границата е јасно видлива со актерската мизансцена. Во моментите на нивното преживување на површина излегуваат сите основни животински потреби кои високите класи ги „шминкаат“ со нивната отменост, а на тоа додаваат и шумовите при самото дејство во отсуство на музика, која се појавува единствено на почетокот и крајот од нивната забава во форма на пијано соната на италијанскиот композитор Парадиси, во изведба на Бланка (Патрисиа де Молерос). Лесните и разиграни звуци ја поткрепуваат комичноста и нелогичноста на надреалните елементи (овци, мечка, екстремитети на кокошка, движечка дланка), во контраст со мрачните ситуации на најдлабоките инстинктивни животински потреби. Со тоа режисерот прави рамнотежа задржувајќи го пристапот кон сатирична надреална приказна.

Буњуел со веќе докажано филмско искуство до тој период, многу вешто ја прикажува дегенерацијата на овие одбрани буржуи кои од граѓани на високата класа се сведуваат на дивјаци со анимални потреби. Иако филмот се вбројува жанровски како надреална драма, сепак се одвојува од неговите први филмови и се разликува по неговата суптилност и компромисност во однос на надреалните моменти, што го прави филмот повеќе гледлив и популарен артхаус филм.
Филип Лафазановски