Кон „Аквамен“ во режија на Џејмс Ван, сценарио на Дејвид Лесли Џонсон – МекГолдрик и Вил Бил, кинематографија на Дон Буржес.
Оцена: 3/5.
Понекогаш, доволно е да се појави режисер поддржан со солиден буџет за да оствари 153-минутно долгометражно издание полно со бизарни настани во најнеобични локации и уште поневеројатна акција. Алудирам на спектакуларни вители, неверојатни оружја од плазма, џиновски заседлани морски коњи и ракови кои се потчинети на луѓе кои живеат во морето, ласерски оружја кои како да му припаѓаат на Хан Соло од „Војна на ѕвездите“. Сите овие елементи, па и повеќе се спектакуларно опфатени во најновата продукција од Ворнер Брос, „Аквамен“.
Долго време важел за лик од потсмев во стриповите, па конечно доби и негов филм. Артур Кари (Џејсон Момоа, кој освен физичкиот изглед не нуди ништо друго) е син на кралицата на Атлантида, Атлана (Никол Кидман глуми лик кој не е доволно развиен за да може нешто да направи со него). Тоа значи дека тој има право да го предизвика за круната својот полубрат, кралот на морињата Орм (Патрик Вилсон, шаблон од негативец) кој сака да предизвика војна со копнениот свет – луѓето не прекинуваат да ги загадуваат водите. Артур секако, мора да ја запре таа војна и тоа е целиот синопсис на овој непотребно долг филм.
Содржината на оваа мешавина на драма/комедија/приказна за суперхерој е тривијална и тотално неважна, затоа што анализата ќе доведе само до нагласување на огромен број пропусти: сценарио полно со излитени реплики, неразвиени ликови и слаба актерска игра, сцени кои може да се исфрлат од завршениот продукт и да не направат никаква разлика. Уметничката вредност на „Аквамен“ како филм е комплетно минимална без еден многу важен детал – обемот и амбицијата на продукцискиот дизајн од Бил Бржески.
Младиот австралиец Џејмс Ван е огромен љубител на чудовишта, како што покажуваат неговите претходни режисерски изданија како „Повикување“ и „Подмолно“. Тој е свесен за баналноста на приказната, па затоа „Аквамен“ е полн со спектакуларна акција која изобилува со генијални бизарности како вооружени ајкули, борби со ласери па дури и подводни џиновски ракови кои се борат во огнени рингови. Дури и дел од шегите се метакритични и придонесуваат за атмосфера која е намерно будалеста, како и што треба и да биде во филм од ваков калибар.
Дали „Аквамен“е добар филм? Не, но знае што продава. Музиката на Руперт Грегсон – Вилијамс во клучните битки потсетува на култните „чизи“ филмови од 80-ите како „Флеш Гордон“, па во комбинација со неверојатната бизарност резултира во коктел кој опијанува. Мамурлакот, пак, враќа во реалноста.
Петра Бранковска