„Почетокот“: Започнува крајот

...„филм кој го заробува вниманието на гледачот од првата до последната секунда.“

Во соработка со Beach Film Festival организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.

Оцена: 8/10

Секој човек има вроден инстинкт да го осознава она кое му е непознато, тоа е, во суштина, единствената причина за напредокот на човештвото. Но отсекогаш постоеле оние мистериозни полиња од животот кои човекот нема да успее да си ги објасни, бидејќи сечиј ум има уникатен начин на кој ќе ги сфати и доживее. Режисерот Агим Абдула храбро ги отвора портите на едно од многуте вакви мистериозни полиња и го раскажува своето гледиште на големото платно преку краткометражниот филм „Почетокот“.

Вообичаено, збунувачки и недокажани филмски приказни во мене создаваат одбивност и навистина не ги претпочитам, но за оваа на Абдула не можам да го кажам истото. „Почетокот“ е филм кој го заробува вниманието на гледачот од првата до последната секунда. Приказна за човек заглавен во навидум безизлезна ситуација, но набргу работите ќе се свртат наопаку и на сите ќе им стане јасно дека не секогаш нештата се онака како што ни се чинат. Овој краток трилер ќе ја остави публиката исполнета со збунетост и со многу прашања кои ќе останат без одговор.

Режисерот вешто ја употребува музиката и звучните ефекти со што успева да ја вгнезди сета бура од емоции длабоко во гледачите. Сепак, во кулминирачките моменти од филмското дејствие музиката се чини за еден мал степен несоодветно гласна и непотребно интензивна за ситуацијата во која се наоѓаат ликовите од филмот. Како гледач, повеќе би се соживеала со приказната доколку ненадејно настапи тишина.

Кога станува збор за техничките аспекти, мора да се спомене и солидната кинематографија. Со оглед на тоа што се работи за “zero budget” филм, кој е снимен во ништо повеќе од “one take”, начинот на кој изгледа филмот навистина заслужува почит (заслуга на Бесим Сејдиу, Иван Филиповски, Ванчо Мираковски). Иако има доста нестабилни кадри и „колебање“ на камерата (што не секогаш е прифатливо за окото на гледачот), тие се лесно занемарливи поради тешките услови во кои се одвивало снимањето на филмот.

Управувањето со камерата не е единствениот дел кој времетраењето на филмот и “one shot” стилот на снимање го имаат отежнато. Вреди да се споменат и актерите на кои им била потребна максимална концентрација за да останат внесени во улогите. За особена пофалба е Насер Рафуна за кого времетраењето на „one shot“ филмот не претставува никаков проблем при толкувањето на главната улога – ја изведува фантастично.

Сѐ на сѐ, овој филм претставува голем отскок од она кое секојдневно го гледаме на големото платно и е доказ дека добар филм е филм кој ќе успее да го промени гледиштето на животот на еден гледач. „Почетокот“ тоа успешно го направи за мене.

Евгенија Арсова

Have your say