Овој Дедо Мраз ќе ве победи на буткање на раце

„Помладата публика ќе ужива во акцијата, а постарата ќе најде неколку намигнувања и шеги кои се внимателно поставени само за повозрасните.“

Во концизно, комерцијално час-и-половина пакување,  Нетфликс и Клеј Кејтис ја презентираат современата верзија на божиќниот филм. Главната приказна цврсто се држи до познат терен – 11-годишната Кејт (Дарби Кемп) сѐ уште верува во Дедо Мраз. Таа, нејзиниот брат Теди (Џуда Луис) и нејзината мајка Клер (Кимберли Вилијамс – Пејсли) мораат да го преживеат првиот Божиќ без татко им, пожарникар кој загинал спасувајќи некого од пожар.  Теди се справува со неговата загуба правејќи мали прекршоци и криминали, кои полека почнуваат да прераснуваат во сериозни. Клер, која работи како медицинска сестра, ги остава сами за Божиќ бидејќи мора да работи трета смена. Кејт ќе го фати Теди на камера како краде кола за да да се покаже пред пријателите. Тој ѝ ветува дека ќе ѝ помогне да го снимат Дедо Мраз кога ќе им ги остави подароците под елката, ако таа не каже на Клер што направил.

Вистинскиот подем на „Божиќните хроники“ започнува кога на платното ќе се појави Дедо Мраз (Курт Расел). Расел го зема кормилото на дејството и го држи во секоја сцена. Приказната за Кејт и Теди би била просечна сама по себе, но Расел внесува енергија и доза на добронамерен хумор во секој кадар. Наспроти неговата историја на играње антихерои, во улогата на Дедо Мраз тој е харизматичен, симпатичен и забавен. Неговата игра е непретенциозна и природна, само повремено покажувајќи одблесоци на акцискиот јунак кој добро знае во која улога „слетал“. Во повеќето сцени, младите актери добро го балансираат Расел, но остануваат во неговата сенка. Ова е можеби подобро решение отколку да се преполни филмот со ѕвезди за да се добие рамномерност.

Режијата на Кејтис  е еднакво практична – сцените се доволно долги за да развијат темпо, без да буткаат монотоно во иста насока. Еден од аспектите кои некако не „римуваат“ со останатите делови од приказната се вилениците – помошници на Дедо Мраз. Пар од нивните сцени се необично мрачни, па создаваат чуден контраст на ведрината на остатокот од филмот. Вториот елемент кој „штрчи“ во приказната е старата камера која Кејт ја носи секаде со себе. Во времето на мобилните телефони и Го-Про видеа, таа изгледа анахронистично и несоодветно во филмот. Ништо од ова не одзема премногу од магнетизмот на Расел, кој самоуверено го носи филмот до очекуваната празнична катарза.

Стариот лисец Расел покажува дека знае и нови трикови. „Божиќните хроники“ успева како филм и покрај малите нерамнини и дупки – бидејќи е чиста забава. Наместо да цели да го реизмисли жанрот, тој игра по старите правила, но на нов, свеж начин. Помладата публика ќе ужива во акцијата, а постарата ќе најде неколку намигнувања и шеги кои се внимателно поставени само за повозрасните. „Божиќните хроники“ најверојатно нема да освојува награди, но е одлична забава за домашното кино и долгите зимски вечери. Топло препорачувам!

Атанас Димитров