„Ова е нејзината приказна“ – Вистински суперхероини кои го освојуваат светот без негово знаење

...„мини серијал од четири краткометражни документарни филмови за четири хероини од Балканот во областа на алпинистичко искачување.“

Секој спорт е промотор на еднаквоста, дисциплината, фер плејот и стекнувањето здрави навики, но исто така постои и родова поделба во натпреварите. Историјата покажува дека светот повеќе ги вреднува спортските успеси на мажите отколку на жените, а алпинистката Илина Арсова, директно засегната од ваквиот поглед, ја покажува нејзината сценаристичка визија и црпи инспирација да прикаже една друга слика. Надчовечките подвизи на понежниот пол се подеднакво вредни со тие на посилниот пол.

„Ова е нејзината приказна“ е мини серијал од четири краткометражни документарни филмови за четири хероини од Балканот во областа на алпинистичко искачување. Секоја епизода е засебна и индивидуално ги портретира спортистките и нивните успеси. Игор Христов ја има режисерската мисија заедно со Арсова, претставничката од Македонија, а воедно и сценаристка со идејата за овој проект.

Без разлика на возраста, од тинејџерка до возрасна жена, тие кои ги поместиле и допрва ќе ги надминат границите во овој екстремно опасен и акционен спорт се Алекс Тоткова (Бугарија), Ута Ибраими (Косово), Илина Арсова (Македонија) и Аргиро Папатанасиу (Грција). Сценаристката Арсова соработувала со секоја од нив и лично го знае трновитиот пат до високата цел, па мудро, во само неколку минути ги истакнува клучните фактори од рецептот за историски успех. Секоја од нив има различен мотив, но на крилјата на вербата и љубовта тие ги рушат рекордите. Гркинката Аргиро ја претвора болката од загуба во семејството во дополнителен атом енергија, а пак Илина како муза ја користи бујната природа за нејзиниот талент како сликарка. Кратките филмови започнуваат со портфолиски приказ и главниот пресврт  кој стои зад алпинистичкото искачување. Сценаристката се јавува и како наратор во дел од филмовите, а притоа ликовите сами ги истакнуваат ударните сцени за нивните успеси и планови во иднина, ставот за жените во екстремните спортови.

Кинематографијата на Рашко Раков и Горан Кузмановски бележи кратки и динамични кадри, паралела со алпинизмот во кој уживаат девојките. Локациите на снимање варираат од родните земји па сè до исечоци до кои ги довел адреналинот. Музиката е најчесто амбиентална, релаксира како и звуците на планината или водата. Кинематографија е исполнета со пејзажни кадри снимени со дрон од височините кои хероините успеале да ги освојат. Подводната сцена од филмот за Илина Арсова импресионира, а и ја воспева атмосферата и богатата флора и фауна.

Документарниот серијал „Ова е нејзината приказна“ е режисерско дело на Игор Христов кој во соработка со дебитантката Илина Арсова создал т.н. промотивни видеа кои успеваат да ја прикажат вредноста на успесите на понежниот пол како дел од алпинизмот. Категориите во кои се натпреваруваат жените се во сенка на мажите, во поглед на гледаност и популарност, а посебно тоа важи за овие адреналински спортови кои будат ограничен интерес, туку може да се додаде и сурфањето како летна алтернатива.

Високите достигнувања на овие четири жени борци не се воопшто за потценување и секоја од нив е вредна и заслужува посебно внимание. Во однос на ова тврдење, само како податок ќе го истакнам фактот дека Илина Арсова (првата жена од Македонија која се искачила на врвот на светот, Монт Еверест (2013 год.)) е на чекор да стане првата жена на Балканот која може да ги обедини во својата колекција 7-те највисоки планински врвови од исто толку континенти на планетата Земја. „Ова е нејзината приказна“ се очекува во иднина да добие нови продолженија на глобално ниво.

Филип Мишов