Она што Холивуд најмногу сака да го прави е да зборува за самиот себе. Уште од раните златни години на постоењето на “Фабриката за соништа” – Холивуд е обземен со сопственото постоење. Од Sunset Boulevard до Mulholland Dr. околу малото филмско маало на Лос Анџелес се изградени многу митови и приказни, современи и историски, смешни, но и трагични. Самото место станува епицентар на многу збиднувања, кои често Холивуд ги испреплетува на границата помеѓу реалноста и фикцијата за да се претстави и себеси да си ги долови сите предности и недостатоци. Палката на организација за сите овие работи да бидат уредени како целосна арт-хаус бајка во најновата екранизација каде Холивуд се опишува себеси му припаѓа на Квентин Тарантино. Самиот Тарантино е вистински Hollywood Geek, кој уште од своите филмски почетоци е филмаџија кој одава омажи на, цитира или реобмислува веќе постоечки филмски концепти. Што би рекле, Холивуд не можеше да најде подобар човек за таа работа.

Низ кариерата на Рик Далтон (Леонардо Ди Каприо), познат актер со кариера во опаѓање од златната ера на Холивуд, како и низ тешките соочувања на неговиот каскадер Клиф Бут (Бред Пит), Тарантино сака да ни ја раскаже приказната за градот на гламурот во неговите најтешки денови. Холивуд ги живее последните години на класичниот шоу бизнис, големите студиа, скапите филмски сетови и етаблираните филмски џинови, како што и херојот Рик Далтон претендира да биде. Како што и Дилан пее во својата позната песна “The Times They are a Changin’”, така и филмската индустрија не е поштедена од овие “времиња” или подобро кажано – бранови во кои двајцата главни ликови полека како да се дават.

Далтон се соочува со сопствената актерска кариера и со џиновите на филмската машинерија пливајќи низ водите да се пронајде себеси и да остане на врвот во градот на славата и богатството. Неговите разговори со продуцентите, режисерите, како и помладите актери постојано го будат неговиот внатрешен немир, каде тој се стреми да остане на траекторијата на успехот и на лагодноста за на крајот неговиот лик Тарантино комично да го сведе на херој и на самиот негов филм. Потензичната приказна ја следиме низ очите на Клиф, кој осамен и без работа талка низ улиците на Лос Анџелес каде наидува на една хипстерска комуна, која случајно или не е комуната на Чарли Менсон и неговата “фамилија”. Сепак, тука историските настани и филмската бајка како полека да се прекршуваат, низ неуништливоста на Клиф како човек од кој и камењата се рушат, а не па неколку како што тој ги нарекува “нечисти хипици” ние доживуваме една псевдо-историска катарза. Клиф е совршениот измислен лик кој би можел да се справи со контракултурните бранови кои го тресат Холивуд во тоа време.

Воглавно разговорот за овој филм може да се води низ две призми, едната е извонредната слоевита приказна која преминува од филм во филм во флешбек и обратно, каде Тарантино комуницира со нас на неколку нивоа на мета-нарација градејќи ги ликовите и кулминацијата која нужно произлегува од нивните односи и самата кулминација или крајот на филмот каде сите работи би требало да направат смисла, но каде се отвара црната дупка помеѓу реалносста и фикцијата и Тарантино ја гради својата алтернативна историја базирана на еден обичен преседан.
Дали можеме издвоено да ги гледаме крајот и целиот друг дел на филмот? Одговорот е и да и не. Тарантино на секоја сцена и вметнува сопствен живот, така што таа постои како уметничко дело само за себе, но самиот Zeitgeist (духот на времето), кој ја гради атмосферата околу целиот филм каде сме соочени со турбилентните крајни години на златната ера на Холивуд која ги трпи последиците на шеесетосмашките (1968 година) промени во културата и општеството од една и Виетнамската војна и социо-политичките збиднувања од друга страна. Светските збиднувања се тивко споменати во филмот без да зазема централна улога, со цел Тарантино да ја задржи бајковитоста на своето дело. Холивуд со својот гламур и слава ги зазема клучните точки на постоењето на човечките битија кои се борат да се издигнат и да останат на тој филмски врв, па така градот добива и една своевидна персонификација како големо чудовиште кое нема милост и ги голта сите кои минуваат низ неговите улици, сето тоа доловено со песна и светла, за да се маскира длабоката криза која ја има зафатено и тогашната индустрија. Холивуд се буди во сцената каде во позадина се слушаат Rolling Stones со Out of Time, а Рик Далтон со сопругата и неговиот каскадер Клиф, кој му е нешто повеќе од брат, а нешто помалку од жена се спремни да влезат во финалната пресметка со градот кој издигнува и урива соништа.

Од Серџо Леоне до самиот себе, Тарантино не не’ штеди од референци на познати холивудски филмови и режисери. Од 2001: A Space Odyssey до Inglorious Basterds, од Бетмен до локални ТВ и радио реклами, Тарантино прави едно бајковито патување низ холивудската продукција, од лулката до гробот на целата златна ера, од Spaghetti Western-и до сапуници и ситкоми.
Главната приказна на филмот е врзана за вистинската случка каде контракултурната група на Менсон ги зема работите во свои раце со цел да направи потрес во општеството при контемплирање на убиството на Шерон Тејт (позната холивудска глумица од шеесеттите играна тука од Маргот Роби) и нејзините пријатели една жешка августовска ноќ во богатите маала на Холивуд надевајќи се дека настанот ќе предизвика расна војна во САД. Во реалноста успеваат да ги извршат злоделата, но не и да предизвикаат расна војна, а кај Тарантино тие се соочуваат со една непозната, нашите двајца херои кои во филмската реалност се најголемиот кошмар на радикалната група.

Крајот на самиот филм е алтернативно прераскажување на убиствата направени од групата на Чарлс Менсон во летото од 1969-тата година, каде Тарантино дава еден друг расплет на кобната ноќ која многумина ја сметаат за крај на веселите и надежни шеесетти години и влез во повеќе мрачните и стоички седумдесети години во постоењето на американското општество. Крајот сам по себе е печатот на љубовното писмо кое Тарантино му го испраќа на Холивуд преку оваа приказна, каде една од помрачните страници на историјата на гратчето ја преобразува во вистински филмски тарантиновски трилер.
Кирил Дончов