„Ние“ – Дали задоволството има цена и праг на толеранција?

„Режијата и продукцијата се исто така дело на Елер и тие уште од почетокот носат слободоумен дух кој преовладува низ филмот како интересна забава, паралелно со моменти на оправдана тензија која наговестува кобен крај и неоправдана неизвесност кои потсетуваат на уникатниот еднокадровски трилер „Викторија“.

Во мало село, близу градот Антверпен во Белгија, големо адолесцентско друштво е во потрага по летна адреналинска авантура која ќе им ја разбие монотонијата од безгрижниот тинејџерски живот. Хормоните вријат, а разумот е на одмор и подеднакво по пол испреплетеното осумчлено друштво копнее по идеја која ќе им донесе пари за остварување на летните желби. Класната разлика помеѓу тинејџерите носи различни идеи како да стигнат до пари, но најчесто секогаш се истакнува еден доминантен карактер кој ги носи одлуките за толпата, во случајов тоa е Томас со идејата за снимање видеа за возрасни…

Сценариото на холандскиот режисер Рене Елер донесува назнака дека е базирано по вистински настани, во соработка со сонародникот и новелист Елвис Питерс. Режијата и продукцијата се исто така дело на Елер и тие уште од почетокот носат слободоумен дух кој преовладува низ филмот како интересна забава, паралелно со моменти на оправдана тензија која наговестува кобен крај и неоправдана неизвесност кои потсетуваат на уникатниот еднокадровски трилер „Викторија“. Летото значи слобода, авантура, љубов и безгрижност во тинејџерските денови, но друштвото во „Ние“ ги надминува сите граници на овие елементи. Режијата и кинематографијата (Максим Дезмет) се состојат од бројни сирови, експлицитни и вознемирувачки динамични кадри кои не го оставаат гледачот рамнодушен.

Сценариото е составено од 4 дела во кои се обработуваат приказните на протагонистите со различно минато и судбина. Во голем дел, дејствието бележи недостаток на етика и морал во ликовите и повлекува прашања за длабока психолошка анализа кај младите. Ликовите на актерите се едноставно напишани, без голема комплексност во нивните карактери, но позадината и нивните постапки се вредни за проучување. Дијалозите се базични, а забавите исполнети со амбиентална електронска музика потсетуваат на холивудскиот тинејџерски хит „Проект – Икс“, а ако на тоа ја надополниме тензијата и динамиката од инспирацијата „Викторија“ очекуваме голема завршна кулминација на сценариото која отсуствува во „Ние“. Филмот повеќе најавува, отколку што остварува, со исклучок на бруталните сцени кои носат смрт и експлицитен секс.

Кастингот во „Ние“ наликува на избор на актери кои соодвествуваат со вистинските ликови, налик на натуршчици и се состои најчесто од почетници или аматери, но актерската игра изненадува и кај главниот актер Ајме Клајс е воочлив специфичен талент. Улогите на ликовите не се претерано комплицирани, но од актерската клапа е изваден максимумот за доживување на богатиот спектар вознемирувачки чувства кои ги предизвикуваат.

Дебитантскиот долгометражен игран филм на Рене Елер носи навидум едноставна приказна, но со можност за длабока анализа кај ликовите во сценариото кое доживува рамнодушен крај. „Ние“ не е филмско остварување кое брилјира во поглед на оригиналноста и неслучајно компарацијата е со холивудскиот хит „Проект – Икс“ и германскиот трилер „Викторија“, бидејќи режисерската инспирација е лесно видлива. Несомнено, вреди да се напомене дека филмот е тешко гледлив за личности под 18 години, но истовремено може да се протолкува како одлична поука за новите генерации во какви друштвени води влегуваат и под какво влијание запаѓаат…

Оцена: 6/10                                                                              Филип Мишов