Кон „Сказна за зимската градина“, по сценарио и режија на Симон Мозговиј.
Оцена: 3.5/5
Зошто е важен меѓу-генерацискиот континуитет и примопредавањето на насобраното знаење? Како да се споделат информации за задачите кои е неопходно да се завршат за оптимално функционирање, без притоа да се инсистира на отсечно прекинување на „излитените“ навики на персоналот приморан да оди во пензија? Што е поважно: намерата со која одредена акција се прави или нејзиниот (можеби непосакуван) резултат? Одговорите на овие универзални прашања, сценаристот и режисер Мозговиј ги истражува преку невообичаена призма – случувањата во стаклената градина на „Изложбата за достигнувања од областа на меѓународната економија на украинскиот ССР“.

Во „Сказна за зимската градина“, Мозговиј се фокусира на г-ѓата Воронина која веќе 45 години ги негува растенијата во запуштениот објект и ги менаџира малкуте вработени. Воронина е од „стариот ков“ експерти – целиот живот го има посветено на својот занает, па нејзиното силно присуство во филмскиот кадар е подвлечено со неограничена почит кон буквално секој жив организам на планетата Земја. Строга е, темпераментна и од вработените во стаклената градина постојано бара да го вложат својот максимум во негата за растенијата и речиси распаднатиот објект, дури и откако менаџментот ќе ја замоли да го напушти работното место.
Паралелно на централното дејство во стаклената градина, Мозговиј гради уште една, споредна приказна – еден мистериозен шаман „пронаоѓа“ извор на позитивна енергија токму пред вратите на градината. Потребата за овој протагонист во филмот е нејасна, како истиот да постои само за да го засили доживувањето на Воронина како жена со терсене карактер. Доколку ова било замислата, монтажерот Микола Базаркин погодува право во целта, внимателно изведувајќи ги премините помеѓу сцените посветени на стожерниот карактер во филмот и езотеричното следење на енергетските текови. Додека господинот шаман има неразумни барања кои ги изразува на монотон и смирен начин, вработените не го почитуваат авторитетот на Воронина поради нејзината брзоплетост и остар јазик (иако тоа што се обидува да ги научи е сосема логично и ќе им биде потребно кога таа ќе замине во пензија).

Музиката (дело на Роман Григорив и Илиа Разумеико) дополнително ја нагласува вештата монтажа и суптилно ја води приказната кон точката на кулминација (разочарувачката прослава за испраќање во пензија на Воронина и нејзиното луто враќање како консултант во градината). Визуелно, филмот е неверојатно богат со словенска естетика, воодушевувачки кадри со паралелни дејства и одлични кинематографски решенија. Како синегдоха за успехот на снимателот Денис Мелник се издвојува една прекрасна сцена во која прелевањето на сончевите зраци е искористено во функција на приказната.

Во целина, „Сказна за зимската градина“ е имагинативно реобмислување на реалноста, каде во фокусот се ставени иронични контрасти и универзалниот конфликт помеѓу потребата за промена на статус квото и човековиот страв од тоа. Мозговиј интелигентно си поигрува со перцепциите на гледачот, па на крајот од филмот во воздухот лебди прашањето „Што од ова беше магија, а што вистинита приказна?“.
Јована Ѓорѓиовска