Кон „Лоши времиња во Ел Ројал“, по сценарио и режија на Дру Годард. Кинематографија на Симус Мекгарви, музика на Мајкл Гјачино.
Оцена: 4.5/5
Свештеник, продавач на правосмукалки, пејачка и бунтовна девојка влегуваат во хотел кој ја изгубил својата гламурозна репутација, а ги пречекува навидум неодговорен рецепционер. Не, нема да раскажувам здодевни шеги за архетипски ликови, зборувам за сижето на „Лоши времиња во Ел Ројал“. Сместен во 60тите години од минатиот век, филмот е тежок за дефинирање – веројатно најдобриот обид би бил креативен жанровски амалгам составен од неколку состојки: ноар трилер, со примеси на социјално ангажирана црна комедија и малку pulp fiction, фокусиран на моралноста како централна тема. Младиот режисер Годард кој се прослави со својата работа на телевизиските серии „Daredevil“, „Изгубени“ и „Бафи – убиецот на вампири“ , по големиот успех на првенчето, хоророт „Колиба во шумата“ повторно создава комплексно филмско патување.

„Лоши времиња во Ел Ројал“ започнува како типична омнибус компилација на различни животни приказни, за кон крајот сите тие да се поврзат во една кохерентна целина, и тоа во текот на само една ноќ. Иако на прв поглед изгледа како некои од споредните наративни линии да се додадени само за шмек, сите добиваат детална разрешница. Тегобноста навестена во името на филмот се чувствува уште во првите неколку минути, за потоа на кратко да исчезне додека гледачот се запознава со главните ликови и нивните животни приказни. Секако, она мачно чувство дека „нешто лошо ќе се случи“ се враќа брзо и со полна сила, а режисерот во текот на целиот филм постојано наоѓа начини да го потсети гледачот на таа мачнина преку нови и неочекувани форми. Ова придонесува за фокусирано следење на настаните во филмот, но на моменти се поставува прашањето што од случувањата е вистински важно за големата слика која Годард се обидува да ја прикаже, а што е само уште една алатка за вештачко зголемување на тензијата?

Насловното место, хотелот „Ел Ројал“, се наоѓа помеѓу Калифорнија и Невада, па поради тоа е поделен, точно на половина, со дебела црвена граница помеѓу двете различни држави. Како и хотелот, ликовите се поделени помеѓу сликата за себе што ја создаваат за јавноста и личните тајни и скелети во метафоричкиот плакар. Нивните внатрешни борби се прецизно нијансирани, а нелинеарното сценарио на гледачот му дава точно онолку информации за секој лик колку што се потребни во даден момент, за гледачот да ја разбере приказната на секој од карактерите и да емпатизира со неа. Сите ликови ги добиваат „своите 5 минути“ во филмот.

Синтија Ериво е прекрасно автентична во секоја сцена, а нејзиниот глас е клучен за музичката подлога на филмот. Поради природата на неговата улога (свештеник со криминално минато), Џеф Бриџис е неверојатно забавен за гледање. На почетокот, Дакота Џонсон изгледа како да е во филмот само поради славата што би му ја донела, но со развојот на нејзиниот лик, еволуира и нејзината глума. Џон Хем солидно го игра прототипниот агент на ФБИ кој наместо да ги следи наредбите, го слуша сопствениот морален компас. Луис Пулман, како рецепционерот, му додава огромна доза на човечност и приземност на филмот, особено во сировите делови посветени на неговото пост-трауматско растројство. И секако, Крис Хемсфорт чиј лик е комплетно различен од Thor на кој сме навикнати – игра водач на хипи култ со педофилски тенденции и очигледно се забавува со невообичаената улога.

Иако главно се потпира на клишеа, „Лоши времиња во Ел Ројал“ изненадува со технички квалитетното изведување на режисерските идеи: немиот почеток на филмот и одличната сцена во која се открива мрачната тајна на хотелот се совршено осмислени. Мудрото поврзување на различните животни патеки на главните ликови преку моралните дилеми и заедничките искуства го прават „Лоши времиња во Ел Ројал“ еден од ретките омнибус филмови кои функционираат органски, а не како Франкенштајн од неповрзани приказни.
Јована Ѓорѓиовска