Оцена: 7.5/10
Тенка е линијата помеѓу генијалноста и лудоста, но дали генијалецот може да биде и лудак? Винсент ван Гог дефинитивно се наоѓа во оваа ретка категорија, а „Пред портите на вечноста“ е биографски долгометражен игран филм на Џулиан Шнабел за најкреативниот и најтешкиот дел од животот на холандскиот сликар. Несудениот оскаровец Вилем Дефо го толкува мистичниот Ван Гог, во уште една улога која му донесе номинација за главна машка улога (4та севкупно) од филмската академија на САД.

Младиот и тогаш непознат сликар, Винсент ван Гог при крајот на 19 век се сели во Париз каде се запознава со неговиот нов долгогодишен пријател Пол Гоген. Двајцата уметници за брзо време наоѓаат заеднички јазик и се на иста бранова должина за нивната визија и идеологија околу сликањето. Тие доаѓаат до заклучок дека помалку населените места и тишината водат до подобри и позначајни дела. Ван Гог инспириран од конверзацијата со францускиот постимпресионист решава да се пресели на југот од Франција во малото место т.е. селце Арл. Инспирацијата на Ван Гог кулминира, сликите добиваат нова димензија, тој ја гледа прекрасната природа како муза за неговите дела, но исто така неговиот приватен живот и психичка состојба доживуваат апсолутен крах…
Сценариото на безвременскиот Жан Клод Кариер, режисерот Џулиан Шнабел и неговата сопруга и дебитантка Луис Кугелберг заслужува пофалба за приказната која буди богат спектар на различни доживувања низ текот на филмот. „Пред портите на вечноста“ ја прикажува вистинската слика за Винсент ван Гог и нивелира со мислењето на гледачите дали тој е лудак и/или гениј. Моменти на немир, страв, тензија, немоќ, среќа, рамнодушност буквално спуштање до земја и подигнување до небо. Приказната пронаоѓа соодветно место во сложувалката и за споредните ликови, платонската љубов на Ван Гог односно Пол Гоген (Оскар Ајзак) и неговиот брат Тео (Руперт Френд).

Камерата на Беноа Дулам има влијателна улога во целата приказна, бидејќи во филмот има голем број на неми сцени препуштени на природата и инспирираниот сликар, но и сцени кои го ставаат гледачот во телото на Ван Гог кога тој разговара со останатите ликови. Делата на холандскиот постимпресионист со преселбата во Арл добиваат поживи бои поради живописната природа, а аналогно, во сцените преовладуваат жолтата и портокаловата боја кои се најприсутни во сликите на Винсент. Директорот на фотографија балансира помеѓу долгите кадри и сцени, со динамични кадри и “немирна рака” кога има тензија, акција и бурни расправии помеѓу главниот лик и неговите непријатели. Иако, природата и локациите на кои е сниман филмот може да се означат како воодушевувачки пејзажи, играта со светло и сонцето на Дулам се неверојатни, како бркотница на снимателот со најблиската ѕвезда, маркантна колоритна кинематографија. Во филмот преовладува класична музика и доминација на пијаното, но таа се менува во зависност од ситуацијата. Пример, меланхоличните ноти го сликаат патешествието и адаптацијата на Ван Гог низ тешките моменти во потрага по инспирација.
Средното име на Ван Гог е Вилем, а кастингот е соодветен и холандскиот сликар го толкува токму комплетниот актер, Вилем Дефо. Англичанецот, освен што физички наликува на познатиот уметник, до израз во оваа улога доаѓа и неговиот раскошен репертоар како глумец. Дефо го доловува генијот/лудакот Ван Гог, што претставува навистина тешка задача, посебно во неговите навидум халуциони визии и бесцелни погледи кон хоризонтот од кои не може да се претпостави евентуалниот исход на среќа или нервоза. Истото важи и за споредните ликови кои Ван Гог ги гледа како поддршка во најтешките моменти, Руперт Френд (Тео ван Гог) и Оскар Ајзак (Пол Гоген).

Во време кога биографските филмови се во полн ек, Холивуд како да не знае за доста од оживување на историјата во модерното време. „Пред портите на вечноста“ се истакнува меѓу подобрите филмови во оваа категорија, со мали недостатоци, но како навидум комплетно филмско остварување. Глумата на Дефо и камерата на Дулам заслужуваат посебен акцент, но не може да им се замери ниту на сценаристите и режсиерот. Напротив, доловуваат вистинска слика за еден од најзначајните луѓе од областа на уметноста, кој самиот по себе е предизвик да се прикаже на филмското платно. Дефо е вреден за приматот номинација за „Оскар“, а „Пред портите на вечноста“ ги надминува очекувањата и се истакнува помеѓу преполното море од просечни биографски филмови.
Филип Мишов