Модерна бајка за идеалната зрела љубов

„Фактот дека нивната ќерка е онаа што ги поставува прашањата им овозможува на гледачите да го почувствуваат филмот на длабоко лично ниво, без искуството да западне во воајеризам и патетика.“

Кон „Патување – приказна за љубовта“, по сценарио и режија на Фани Браунинг.

Оцена: 4/5

Што значи да се биде одговорен, освен за сопствената волја за живот, и за таа на нашиот партнер? Дали е возможно да го задржиме романтичарскиот поглед кон врската, дури и кога животот ќе (ни) се преврти наопаку? Конечно, како да им пружиме неизмерна поддршка на луѓето кои ни значат, без разлика на околностите? Бракот на главните ликови во „Патување – приказна за љубовта“ (патем, родители на сценаристката и режисерка Браунинг кои секојдневно се борат со овие прашања) толку отскокнува од инструменталистичкото секојдневие на 21-виот век што на моменти изгледа како модерна бајка за идеалната зрела љубов.

Анет има 68 години и ужива во малите нешта: се радува на убави пејсажи, се шегува на сопствена сметка и сака да користи креми за подмладување. Овие ситни задоволства се многу важни за нејзиното ментално здравје и отпорност – поради напредна фаза на мултиплекс склероза, Анет е парализирана од вратот надолу последниве 20 години. За нејзиното здравје се грижат дури 16 медицински професионалци и нејзиниот сопруг, Ниги, кој се има откажано од својата кариера од соништата за да се грижи за неа. Иако е генерално емоционално затворен, Ниги е целосно посветен на добросостојбата на Анет и својата љубов кон неа ја преточува во практична работа за да ѝ овозможи високо-квалитетен живот. Еден од неговите потфати е приспособувањето на камперско комбе за патување низ светот, заедно со Анет.

На ова патување им се приклучува и ќерка им Фани чиј режисерски поглед се фокусира на нивната неисцрпна енергија и пркос кон тешките животни околности. Па така, „Патување – приказна за љубовта“ истовремено е и портрет на нејзините родители, но и на нивната брачна заедница. Браунинг отвора многу сензитивни прашања кои нејзините родители ги одговараат искрено и отворено, балансирајќи помеѓу лежерно шегување за користењето на картата „инвалидност“ и сериозноста со која зборуваат за потпишаните документи за еутаназија. Фактот дека нивната ќерка е онаа што ги поставува прашањата им овозможува на гледачите да го почувствуваат филмот на длабоко лично ниво, без искуството да западне во воајеризам и патетика. Сепак, некохерентната монтажа (Катрин Вогт) и неприродните премини помеѓу визуелно прекрасните сцени (Пиер Менел) го намалуваат емотивниот импакт што филмот би можел да го има.

Со сите свои недостатоци, „Патување – приказна за љубовта“ сирово ја прикажува зрелата љубов на Анет и Ниги кои храбро минуваат низ животот, потпирајќи се на својот шарм и мудроста која ја насобрале низ годините. Ќерка им Браунинг автентично ги прикажува нивните различни животни потреби, успевајќи да раскаже лесно разбирлива љубовна приказна со која ќе сочувствуваат многумина гледачи.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say