„Мизерикоридија“ – Безграничниот свет на сонувањето

„Краткиот документарен филм содржи поетска димензија во која авторот сам себеси се преиспитува зошто е толку приврзан со пејзажното место, кое освен што плени со мир, ужива и во позитивната енергија на Бразилците кои знаат да пронајдат светла точка во секое сивило преку нивната музика, насмевка и љубов кон фудбалската игра.“

Оцена: 6.5/10

Во свет исполнет со стереотипи, предрасуди, рестрикции, притисоци и (не)пишани правила сите делиме иста орбита во која не чувствуваме граници и ни е дозволено апсолутно сè, сонот!

Мизерикоридија е мала област на брегот на Атлантскиот Океан во Бразил при островот Итапарика. Мало мирно место изолирано од современата технологија и жители со големи соништа во кои посегнуваат по небото, а целат кон ѕвездите. Шпанскиот режисер Ксавиер Марадеш во Мизерикоридија со камерата трага низ соновите и животните приказни на пет сонувачи, а притоа се забележува како тој се приврзува за локацијата и пронаоѓа личен душевен мир…

Камерата на Марадеш преку статични кадри во отсуство на музика ја доловува стихијата која ја нуди хоризонтот, на тропската локација близу океанските бранови. Богатата вегетација и песочните плажи претставуваат дијаметрална разлика со секојдневието на модерниот свет, односно на Марадеш со жителите од бразилскиот залив. Краткиот документарен филм содржи поетска димензија во која авторот сам себеси се преиспитува зошто е толку приврзан со пејзажното место, кое освен што плени со мир, ужива и во позитивната енергија на Бразилците кои знаат да пронајдат светла точка во секое сивило преку нивната музика, насмевка и љубов кон фудбалската игра. Карактерни особини кои се препознатливи за бразилскиот народ, а кои ги пренесува камерата преку нивните насмевки кои аналогно будат топли вибрации и пријатни чувства кај гледачот. 

Секој има одредено место со кое чувствува поврзаност поради различни причини, а како одминува дејствието во „Мизерикоридија“ така се чувствува и наговестува дека ова мало парче во Бразил е рај за Марадеш во кое целосно ужива. Ксавиер не се води според стриктно напишано сценарио, а убавината е во тоа што се истакнува и неговата талентирана улога како монтажер со прецизно избрани сцени и скромни 22 минути на филмско платно кои се доволни да ве вовлечат во филмот, а потоа ве оставаат во мирно, позитивно расположение кое кај гледачите буди лични спомени од минатото или поглед кон нови доживувања во иднината. 

Каталонецот Марадеш е веќе наградуван режисер на „МакеДокс“ со специјално признание за визуелна нарација во категоријата на кратки филмови за неговото дело „Цуцли“ во 2016 година. Оваа година со „Мизерикоридија“ нуди нов свет во кој слика со пејзажите на тропската бразилска локација и соништата дополнети со позитивните карактери на жителите во малото место кое живее во изостанок на новата доба, но во придобивка на дружбата, музиката и насмевките. Визуелната нарација и поетската страна на Марадеш будат знаци на компарација со холивудскиот автор Теренс Малик во режијата, а до израз доаѓа и се двои неговата улога како директор на фотографија. Мизерикоридија како локација исполнета со песочни плажи, океан и флора нема да биде лишена од фанови, но „Мизерикоридија“ како филмско остварување е специфично, амбиентално дело за избрана публика која ќе се внесе во атмосферата само доколку е трпелива, подготвена фокусот да го насочи на звукот од брановите. 

Ако се довериме во постулатот дека ефектот по филмот е најважен, тогаш „Мизерикоридија“ ќе сакаме да го погледнеме неколку пати во одредени моменти и повторно да ја почувствуваме енергијата која ја чувствува и пренесува Ксавиер Марадеш. 

Филип Мишов

Have your say