„Медена земја“: Слаткогорчлив вкус на животот

„Сиров, брутален и полн со емоција, со рамномерна заслуга од режија до монтажа и кинематографија.“

Дали секогаш нештата треба да бидат прикажани и изџвакани во својата природна, брутална форма, за ние луѓето да ја сфатиме сериозноста на ситуацијата и да погледнеме подалеку од носот?

„Медена земја“ е долгометражен документарен филм во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, а маркантната кинематографија е дело на Фејми Даут и Самир Љума.

Oцена: 9.5/10

Атиџе живее со нејзината болна, наглува и стара мајка во камена трошна куќа во пустошното с. Бекирлија. Турчинката е последната жена во Европа што одгледува диви пчели кои произведуваат мед што служи како единствен извор на приходи за опстанок на неа и мајка ѝ. Таа кога ќе собере доволно мед, оди во градот, го продава и купува намирници, а потоа се враќа во селото кое брои повеќе волци од жители. По одреден период, во селото се населува Хусеин со неговата жена и 7 деца. На почетокот, тие се спријателуваат со Атиџе и го учат пчеларскиот занает од неа, но потребите за неговото големо семејство секојдневно растат и го приморуваат да донесе одлука. Дали да ги слуша советите на Атиџе или по малку несвесно и од неукост, да ризикува и да го наруши природниот баланс во Медена земја…

„Медена земја“ уште во воведните минути вовлекува во приказната како што Атиџе ги повикува пчелите во пчеларникот. Природниот тек на настаните не е испровоциран ниту изнуден, туку едноставно камерата како дух го следи развојот на дејството и врската помеѓу Атиџе и новонаселеното семејство. Режијата на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска создава филм кој не е за оние со кревко срце и слаб стомак, природата е претставена во својата сирова форма која буди богат спектар на вознемирувачки емоции. „Медена земја“ го постигнува ефектот без никаква цензура, со доза на крв, болест и смрт. Изборот на сцените и монтажата на Атанас Георгиев имаат голем удел во целовкупната слика, бидејќи мошне мудро се истакнати сцените во кои гледачот добива врела шлаканица и се соочува со реалноста. Пример, за таква, а навидум обична сцена, Атиџе е прикажана во строгиот центар на град Скопје како оди на пазар и продава мед. Во тие моменти допира чувството дека „Медена земја“ не е на другиот крај од светот, туку е до или само на неколку километри од нас. Со Атиџе можеби и сме се разминале на улица незнаејќи дека е таа жена херој, која толку многу прави за природата, а нејзината придобивка е минимална и незабележана од општеството. Целото дејствие е пред гледачот, а ниту сме свесни за тоа, ниту пак некој презема нешто. Во согласност со ова тврдење, филмскиот свет ја забележа пораката на „Медена земја“ и заслужено ја доби специјалната награда за општествени промени на најголемиот фестивал за независен филм „Санденс“ во САД.

Директорите на фотографија, Фејми Даут и Самир Љума го поседуваат клучот до комплетното филмско остварување. Нивната камера е епицентарот на секое случување, а во ниту еден момент не се насетува дека протагонистите се свесни дека се под будното око на камерата. На моменти дури се запрашувате како целиот концепт изгледа толку совршено што си создавате лажни сомнежи дека се работи за игран, а не документарен филм. Снимателите најчесто користат крупни, динамични и кратки кадри кои ја истакнуваат природата, до стрмните карпести патчиња по кои оди Атиџе за да стигне до пчелите во ридовите или пак помеѓу детската игра во реката. Одредени сцени се во статични кадри, пред сè во малата куќа на Турчинката кога седи со нејзината мајка – тука се истакнува и поставеноста на камерата во однос на минималното светло кое го користи Атиџе, бидејќи немаат електрична енергија. Насловниот постер (сцена во филмот) е умешност на камерата да ги истакне личностите во однос на сонцето, што повторно го нагласува талентот и визијата на снимателите. Кинематографијата која вреди да се поистовети со квалитетниот мед на Атиџе, се закити со наградата за најдобра кинематографија на „Санденс“.

Во „Медена земја“ мудро отсуствуваат филмските елементи кои се дел од скоро секој документарец и кои понекогаш го отргнуваат вниманието или пак стојат како мембрана до вистинската слика. Суптилната музика во минимална доза на групата Фолтин и звуците на природата се единствената музика во филмот, која е доволна за да го внесе гледачот во амбиентот и зуењето на пчелите да го избистрат вниманието, да одржат климав раб на столчето. Нараторот во ваков филм би бил само вишок кој може да ја расипе сликата, на овој начин, протагонистите се прикажани во директно лице.

„Медена земја“ е филм кој ги оправдува и надминува сите очекувања. Сиров, брутален и полн со емоција, со рамномерна заслуга од режија до монтажа и кинематографија. Човечките приказни се оние кои навистина допираат до луѓето, надополнето со цела палета на филмската уметност во најдобро светло, се добива производот „Медена земја“. Ефектот по филмот е најважен, а по медена, сирова или ледена земја дури чувствувате грижа на совест и се прашувате на какви темели лежи општеството и светот во кој живеете. Филмот се закити со наградата за најдобар документарен филм на „Санденс“, а доколку дистрибуцијата е еднакво добра колку и останатите делови, „Медена земја“ заслужено може да допре до највисоките планини во филмскиот свет. Кога има за еден, има за сите, нели?  

Филип Мишов

Have your say