Во соработка со Beach Film Festival организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.
Снимен во разурната зграда во Келн, „Луз” е приказ на непрекинатото патување на ѓаволот низ многу лица со една цел, да стигне до „својата” Луз.
Оцена: 3/5
Започнат како дипломски проект на режисерот Тилман Сингер, долгометражниот „Луз“ е успешен пример за мешавина од хорор, трилер и мистерија. Инспириран од приказните раскажувани во мрачните ходници на католичките училишта во Колумбија и различните методи на полициско испрашување, режисерот и сценарист Сингер (во копродукција со Даниел Мендез Акоста) ги “оживува” ликовите од хорор сказните кои ги слушал и успева да создаде уникатно филмско дело.

На сите љубители на хорор филмовите добро им е познато следното сценарио: млада девојка страда поради тоа што е прогонувана од натприродна сила. Но што ако погледнеме од другата страна? Какви се страдањата на ѓаволот, воден од љубовта кон својот плен? Користејќи ја популарната тема на прогонување, Сингер ја раскажува љубовта помеѓу ѓаволот и неговиот медиум од невообичаена перспектива. Па така, форсира чувство на емпатија кон нешто што (вообичаено) мора да се мрази или барем да се гледа како чудовиште – режисерот успева да ја принуди публиката да сочувствува со ѓаволот. Со прекрасната хемија помеѓу актерите кои успешно ги отелотворуваат внатрешните конфликти на нивните ликови, Сингер секој момент изненадува и докажува дека сите очекувања се лажни.

Главната улога на Др. Росини ја толкува Јан Блутхардт (долгогодишен актер на театарската сцена, благодарение на „Луз“ за прв пат игра и на големото платно), кој заедно со Луана Велис (Луз), Јулија Ридлер (Нора) и споредните ликови гради одличен мал тим кој вешто ги користи своите актерски способности и успешно ја реализира режисерската идеја. Со оглед на ограничениот број кадри и простор, актерските остварувања се исклучително добри.
Сцените проследени со музика на Симон Васков и извонредниот дизајн на звук успеваат соодветно да ја прикажат атмосферата од која „лазат морници“ и ве држат во неизвесност до последниот момент. Наместо исклучително малиот буџет со кој располагала продукцијата да се одрази негативно на квалитетот на филмот, токму овој фактор придонесува за севкупниот амбиент на филмското платно.

Без многу визуелни ефекти, но со извонредна музика во соодветните моменти, „Луз“ е прекрасен, морничав, чуден и секако – страшен филм. На кратко, долгометражното првенче на Сингер може да се опише како хипноза. Ќе ве зграпчи, па дури и да не сакате, ќе морате да го изгледате до крај.
Илина Василеска