„Крвта не е вода“ не важи во „Крадци по продавници“

...„есенцијално гледачко искуство од 121 минута кое предизвикува длабоко размислување за тоа што претставува семејството.“

Кон „Крадци по продавници“ во режија и сценарио на Хироказу Кореда, кинематографија на Рито Кондо.

Оцена: 5/5

Наградуваниот јапонски режисер Хироказу Кореда има завиден творечки опус – дури 13 долгометражни филмови. Сите овие дела се обединети од една тема која ретко да не се забележи, а тоа е критика на социјалните политики. По огромниот успех на „Каков татко, таков син“ кој ја доби големата награда на жирито на Канскиот фестивал во 2013, тој се враќа со можеби највлијателниот, емоционален и моќен филм на неговата кариера кој успева заслужено да ја добие Златната Палма во 2018. „Крадци по продавници“ е несекојдневен портрет на неколку одметници кои прават сè што можат за да преживеат во јапонската рецесија, а притоа основаат семејство засновано на љубов, грижа и взаемна почит.

Во екот на економската криза во Токио, Осаму Шибата (Лили Френки, одлична комбинација на ранливост и издржливост), неговата „сопруга“ Нобујо (Сакура Андо, совршено допадлива) и „ќерка“ Аки (Мају Мацука, покажува огромен потенцијал) живеат во длабока сиромаштија. Осаму работи како градежник онаму каде што може, за многу малку пари, па „семејството“ најчесто се потпира на малата пензија на „бабата“ Хацу (Кирин Кики), и на крадење. Додека Осаму и неговиот „син“ Шота (Каири Јо) изведуваат таква операција во супермаркет, тие наидуваат на Јури (Мију Сазаки), девојче кое е толку незгрижено од сопствените родители кои забележуваат дека неа ја нема по неколку часа од нејзиното исчезнување. „Семејството“ наидува на докази дека малата Јури е злоставувана, па тие неформално и нелегално ја посвојуваат во нивниот ултра скромен дом.

После толку многу варијации и адаптации кои обработуваат слични теми, тешко е да се најде нешто оригинално кое ќе освои. „Крадци по продавници“ како да ја расчистува масата полна со медиокритет за да направи место за нешто вистински спектакуларно. Ликовите се напишани толку реално и внимателно, па тие иако се крадци, имаат етички код и почит. Можеби ги извитоперуваат одредените норми поставени од општеството во кое што живеат, но љубовта и грижата која ја чувствуваат за секој член од нивната група е реална.

Сценариото е толку суптилно и минимално што  дозволува природен тек на настаните, за потоа некој момент да „легне“ вистинското значење и емоционалниот импакт кои одредени дијалози го имаат. Постои сцена која навидум е најневина на светот, во која Осаму го учи Шота како да плива, и воедно да не се срами од телото кое се развива во адолесцент и сите промени кои телесно му се случуваат. Неговата татковска грижа е чиста, едноставна и без никакви предрасуди и цензури кои обично настануваат при „непријатни“ разговори со родителите. Кај нив, за среќа, тој термин не постои.

Камерата на Рито Кондо има огромен удел во тоа како ги перципираме настаните кои се развиваат. Таа е толку блиску до нивните лица што не може да не се забележи интимата која ја имаат еден со друг. Дури и во најтесниот простор каде живеат сите шестмина, постои неопислива убавина во начинот на кој што готват, храната која делат и невиното „млацкање“ од страна на најмалите членови.

„Крадци по продавници“ е есенцијално гледачко искуство од 121 минута кое предизвикува длабоко размислување за тоа што претставува семејството. „Матријархот“ на групата вели, „Понекогаш е подобро да си со семејство кое сам си го одбрал отколку со семејство во кое си бил роден“. Нешто вредно за кое човек треба да се подзамисли.

Петра Бранковска

Have your say