„Џокер“ – Злото е кловн и живее меѓу нас

„Моќен, прецизен, вознемирувачки, егзистенцијално страшен се првите асоцијации за „Џокер“ кој поставува замки и лудува од емоции.“

Искачувањето на високите, стрмни скали е протокол до угнетеното секојдневие и продлабочување на растројството на Артур Флек (Х. Феникс). Принуден кловн, а мечтателен сонувач со желба да изнуди внимание и насмевка како стенд ап комичар кој долго и трпеливо ги чека неговите пет минути слава. Од имагинација до реалност, идолите и соништата брзо се уриваат и туркаат до бездната на психолошка ескалација…

Моќен, прецизен, вознемирувачки, егзистенцијално страшен се првите асоцијации за „Џокер“ кој поставува замки и лудува од емоции. Авторите Тод Филипс и Скот Силвер во првата половина од филмот развиваат силна емпатија кон протагонистот која потоа буди тешки морални дилеми. Сценариото скокотка, начнува и истакнува клучни проблеми, пред сè, директна критика до капитализмот и американското општество, лесниот пристап до оружје во САД и занемарливиот однос кон менталното здравје. Обработката на ликот, кловн по професија, а невидлив “кловн” во општеството е детален увид во нечистите мисли на Артур Флек. Режијата на Филипс и камерата на Лоренс Шер љубопитно, но претпазливо дишат во врат и делуваат како дополнително парче товар врз веќе дотолчениот главен лик. Присутни, со доза на страв се неколкуте сцени во кои камерата оперира низ поглед на решетки, над кои демнее несигурност, како да го штити гледачот од непредвидливите намери на манијакалниот Флек. Директорот на фотографија користи налик тиркизна боја, бледникаво зелен амбиент кој се провлекува низ скоро секоја сцена, исполнета со бројни неонки во метрото и тоалетот каде се ослободува и избива победникот од интерната битка на пропаднатиот комичар. Надзорот се отсликува со крупни кадри кои полека, а на моменти немирно, се доближуваат кон трагичните насмевки. Тензичната атмосфера исполнета со ударните звуци на виолончело е константна, наметната најава на мистериозно беснило.

Ако ликот на „Џокер“ го урна и докрајчи Хит Леџер, влијаеше над Џек Николсон, тогаш природно е човек да стравува за пост „Џокер“ ефектот над маестралната актерска игра на Хоакин Феникс. Лудакот кој го создава Феникс е вознемирувачки, крајно страшен исполнет со болни насмевки и крвави солзи кои го оставаат гледачот на граница меѓу судовите на критика и емпатија. Деликатната психолошка трансформација создава морници, а драстично променетиот физикус на актерот е со чуден од и неартикулирани танцови движења. Во кариерата на Хоакин, постојано се наѕира и докажува одличен негативец, но во „Џокер“ тој се издигнува како феникс со бесмртен перформанс кој се двои како длабока трага во богатиот опус како актер.

Како што Артур Флек трпеливо ги чекаше неговите пет минути, така и „Џокер“ конечно го дочека фокусното светло. Високите очекувања и претпоставки од сите претходни остварувања во кои се споменува „Џокер“ поставија тешка задача. Филипс ја максимизираше шансата, црпеше инспирација од Скорсезе и „Таксист“, изненади, а притоа мудро отвори патоказ, не го изостави семејството Вејн кое отвора нов свет. Феникс блесна, се надмина себеси и сигурно чекори кон првиот Оскар. Моќните пораки кои ги носи прецизното времетраење се сиже на комплетниот „Џокер“ и сржта на општеството кое во една сцена (неоправдано сфатен хумор кога кутриот Гери не може до достигне резето) се издава во филмот, а (не)свесно ништи и не знае за сочувство ни за најближниот.

Филип Мишов   ⭐ ⭐ ⭐ ⭐ ⭐