Во соработка со Beach Film Festival организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.
Кон краткометражниот македонски филм “Јас не сум Игор”, во режија и по сценарио на Сергеј Ѓеоргиев, музика на Ади и Дино Имери, улоги: Стефан Спасов, Томислав Давидовски, Мартин Минговски, Чедомир Митевски, Марија Новак, Драган Довлев, Ељеса Касо, Душица Тренева, Сара Новак, Сара Дамчевска, Давор Чурилов.
Оцена: 4/5
Ерих Фром, германски философ и психоаналитичар, вака ја третира една од “болестите” на човештовото, а инаку тема во филмот „Национализмот е нашата форма на инцест, тоа е нашата идолатрија, нашето лудило. ‘Патриотизмот’ е неговиот култ. Како што љубовта кон само еден човек која ја исклучува љубовта кон другите луѓе не е љубов, така и љубовта кон една земја која не е дел од љубовта кон целото човештво не е љубов, туку идолатриско обожување“.
Заматено – тмурниот амбиент преку кој главниот лик Игор (Стефан Спасов) го перцепира градот и луѓето во него е основа за целосниот тек на филмот. Игор е дел од навивачката група Комити, а самата природа на навивачките групи е таква што најмногу ѝ придаваат значење на меѓусебната доверба (особено кога станува збор за насилство, како во воведните архивски снимки од филмот). Од природата на навивачката група доаѓа до израз и карактерот на Игор – младо момче кое настапува избувливо и изразува жив темперамент. Игор, заедно со својата “банда” на истомисленици поттикнати од некој идеал, вршат разни диверзии со непријатни последици. Кулминациска точка се случува кога Игор ја дознава вистината од своите родители за дотогаш успешно сокриваната тајна. Иако откривањето на тајната е клучен елемент од филмското дејство, тој дел се случува многу брзо и е пропратен со низа нелогичности. Како и во повеќето краткометражни филмови, парадоксот лежи во тоа што најважниот елемент од приказната се открива неочекувано лесно. Во овој случај, тоа се случува само преку еден едноставен лист хартија.

Филмот има јасна тема и идеја, пропратена со голем број детали кои го конкретизираат главното дејство и помагаат за негово разјаснување. На пример, делот кога “бандата” вржи грабеж во продавницата и каде по низа на брзи и нагли движења на камерата, на излегување, јасно се забележува недовршениот натпис на ѕидот „Чиста М”.
Иако изобилството на брзи промени во кадрите придонесува за зголемување на напнатата атмосфера во филмот, на моменти ова може да предизвика и забавено и деконцентрирано следење на дејството. Честите сцени со нестабилна камера алудираат и на внатрешната несигурност на главниот лик. Сценографијата е одличен индикатор на средината во која ликовите живеат, но и внатрешната состојба на самите ликови. Целиот изглед на филмот е кинематографски остро, строго и прецизно обработен и среден. Десатурацијата на филмот како директно да посочува на целиот амбиент кој совршено се вклопува со таа Македонија која наместо разнобојна и слободна, протагонистите ја сакаат само “чиста”.
Во однос на музиката, Ади и Дино Имери имаат искомпонирано една совршено кратка и суптилна нумера “Bliss” која нежно нѐ тапка и уште повеќе нѐ вовлекува во целото дејство. Филмскиот плакат (дело на Игор Делов) е едноставно изработен, но ефектно доловува што се случува во филмот и е суптилен во давањето на основните
информации.
Повеќе од видливо е дека филмот го третира проблемот на идентитетот и национализмот кој е еден од столбовите на идентитетот. Кога еден проблем се раѓа, истиот се рефлектира низ сите човекови сфери на постоење и делување. Останува на вас како ќе го оцените ова вредно парче уметност кое дефинитивно вреди да се украси со позитивни коментари.
Бојана Исијанин