„Јас не сум Игор“: Во потрага по сопствениот идентитет

„Иако со ограничен буџет, филмот точно ги детектира аномалиите во актуелното македонско општество поврзани со нетрпеливоста меѓу младите личности жртви на националистичката политика.“

Во соработка со Beach Film Festival организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.

Оцена: 6.8/10

Краткиот филм „Јас не сум Игор“ на режисерот Сергеј Георгиев ја претставува вистинската состојба во Македонија кога спортското навивање за еден миг се претвора во националистичко скандирање и борба. Преку главниот лик Игор (Стефан Спасов) ги гледаме сите слики на сегашните состојби во навивачките табори каде не постои само желбата за победа на сопствениот тим, туку и желбата за потврдување на својата национална супериорност…

Во фокусот на филмот е еден млад навивач со темпераментен и избувлив карактер и многу омраза. Омразата што во себе ја носи Игор е плод на актуелните случувања и политичкото милје во нашето општество. Објектот на неговата омраза не се конкретни индивидуи, туку навивачи претставници на друг етникум. Омразата произлегува од вечниот национален конфликт и поделбите по разно-разни основи во македонското општество. Проблемот со кој Игор се соочува настанува кога преку откривањето на тајната, тој се судира со сопствениот идентитет и прашањето „Кој сум јас?“ и „Каде да продолжам?“. Одеднаш самиот предмет на омразата е поврзан со тајните со кои се соочува неговата личност. Во такви услови тој сега има можност врз себе да ја почувствува таа национална нетрпеливост и да се обиде да побара поинаков пристап за себедефинирање. Филмот јасно посочува на важноста на зачувувањето на сопствената личност во процесот на сопственото идентификување.

Преминот меѓу двете згради може да се протолкува како симболичен премин меѓу двете страни на личноста на Игор. Стравот што произлегува од таа темнина е страв од новопронајденото „јас“ кое е различно од претходното, но и страв од можноста да не припаѓа повеќе на заедницата со која Игор се идентификувал претходно. Она што може да се потенцира како нејаснотии во самиот приказ на комплексната приказна се одредени сцени кои делуваат како исечени одломки без поголемо објаснување кое ќе го приближи гледачот до крајната порака. На пример, мотивацијата на другарот кој ја предава  тајната на Игор пред другарите, па потоа застанува во негова одбрана, создава дилеми кај гледачот за мотивите на карактерите.

Крајот на овој краток филм не е романтичен, среќен крај. Исто како што и реалниот живот не е бајковидно проштевање на нашите гревови. Иако со ограничен буџет, филмот точно ги детектира аномалиите во актуелното македонско општество поврзани со нетрпеливоста меѓу младите личности жртви на националистичката политика. Секојдневно сме сведоци на немили настани што се одвиваат на спортските натпревари преку скандирања, националистичко дивеење на разните навивачки групи и крвави пресметки кои, за жал, резултираа со неодамнешното убиство на еден член на навивачка група.

„Јас не сум Игор“ пренесува силна порака дека промените почнуваат во самиот човек. Важно е секој поединец да се соочи со својот „премин меѓу двете згради“ и да ја остави омразата и одмаздата како единствено средство за себедокажување.

Ангелина Огненова

Have your say