Важноста на емпатијата

...„јасно ја пренесува пораката за недостигот на емпатија меѓу луѓето.“

Во соработка со Beach Film Festival организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.

Кон “Јас не сум Игор” во режија на Сергеј Георгиев.

Оцена:5/5

Недостатокот на меѓусебно разбирање е во коренот на проблемите во општеството. Дали можеме да дознаеме како навистина се чувствува една група во општеството која е означена како различна? Дали некогаш можеме да искусиме како е да сме на другата страна од приказната? Зошто ни недостига емпатија за луѓето кои имаат различна етничка припадност од нашата? Можеби поради тоа што повеќето од нас никогаш нема да проживеат ниту еден ден во чевлите на другите луѓе. Затоа, за жал, на сите нас ни недостига емпатија и меѓусебно разбирање. Но, се додека го препознаваме проблемот и му обрнуваме внимание, веќе сме поблиску до негово решавање.

Токму тоа го прави режисерот Сергеј Георгиев во новиот краткометражен филм “Јас не сум Игор” каде што е прикажана реалноста за нарушените односи во нашето општество. Во филмот прикажан е животот на четворица млади скопјани кои шират омраза која потекнува од нивните лични верувања за својот и туѓиот идентитет. Млади луѓе коишто немаат воопшто емпатија и чијашто единствена цел е одмазда. Овие луѓе се мотивирани од стравот дека ќе го изгубат својот идентитет и чувствуваат потреба да го бранат.

Еден од тие млади луѓе е главниот лик Игор кој шири омраза и тоа го смета за негова цел. Но злото му се враќа назад на неочекуван начин и му го уништува животот. Тој се наоѓа во конфликт со сите околу него и со самиот себе. Сценариото е мошне едноставно, но интригирачко и го задржува вниманието на гледачот. Преку одличната глума на актерите (особено Стефан Спасов како Игор) и нивниот меѓусебен дијалог, реалистично е прикажан менталитетот на ликовите – начинот на кој разговараат меѓусебе ни открива многу за нивните карактери.

Филмот јасно ја пренесува пораката за недостигот на емпатија меѓу луѓето. За доживувањето да биде поголемо придонесува и мрачниот амбиент преку кој кај гледачите се чувствува тежината на овој проблем кој долго време е болест на нашето општество. Звучните елементи, како гласовите во главата на Игор, и движењата на камерата го засилуваат ефектот.

„Јас не сум Игор” отвора многу прашања за проблем кој е актуелен во нашето општество веќе долго време. Затоа вреди да се погледне.

Елена Цветаноска

Have your say