Кон „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија и сценарио на Теона Стругар Митевска, сценарио на Елма Татаргиќ, кинематографија на Вирџинија Сен-Мартин.
Оцена: 3.5/5

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ не троши непотребни минути за да дојде до главните поенти кои сака да ги прикаже. Високообразуваниот кадар се соочува со огромна невработеност, шовинизмот и сексизмот се кријат зад тенкиот вел на традицијата, а огромната корумпираност на јавните институции кои ги затвораат очите пред религиските „авторитети“ се некомпромитирачки ставени на тапет во петтиот долгометражен филм на Теона Стругар Митевска. Две години откако нејзиниот „Кога денот немаше име“ доби доста негативни критики, таа се враќа со дури 2 награди од Берлинале: наградата од Екуменското жири како и наградата од филмскиот гилд кој се состои од професионалци-сопственици на арт хаус кинотеки. Тој успех повлекува огромни очекувања, но дали релевантноста и реалноста на темите во Северна Македонија се доволни за еден филм да се нарече беспрекорен? Не.

Петрунија (Зорица Нушева, најсилната алка која практично го носи филмот на нејзините раменици) има 32 години, таа е невработен дипломиран историчар со особен интерес за примена на комунистичките идеали во капитализмот, и живее со родителите. Самата нејзина појава и однос со својата мајка (Виолета Шапковска, одлично недопадлива) се премногу познати за типичниот млад Македонец. Таа секојдневно трпи навреди кои се маскирани како грижа за нејзината (без)вредност, (не)атрактивност, а понижувањето кулминира со интервју за работа кое се претвора во огромно фијаско. Целиот бес и фрустрација кои Петрунија ги чувствува ја движат да го направи скоро незамисливото во една православна, длабоко традиционална средина – да се фрли, и да го фати крстот кој еднаш годишно се фрла во реката. Учесниците во ова се секако, мажи, како непишано правило.

Зорица Нушева е огромно откритие – нејзиниот став, поглед и огромна дисциплина им пркосат на сите мажи кои се наоѓаат на некоја позиција на моќ и сакаат да ја истепаат, понижат, затворат само поради тоа што земала нешто „нивно“. Тоа го прави уште потежок фактот што самото сценарио на одредени моменти го изневерува овој небаре целосен лик. Веќе во средината на овој 100-минутен филм е вметната многу непотребна и вештачка љубовна сцена која ја сведува Петрунија на уште една класична „хероина“ која бара прифаќање и романса во првото момче кое ќе покаже некаква нежност. Комбинацијата на нестабилната камера на Вирџинија Сен-Мартин која е одговорна за фотографијата на уште еден филм од Лабина, „Јас сум од Титов Велес“ со музиката која на моменти припаѓа на некоја друга ера, е само дел од техничките аспекти кои би можеле да се подобрат со дополнителна модификација.

Но, социјалните драми имаат огромна задача пред себе – да плукнат врз општествените норми и да потенцираат каде треба да се направат огромни промени. „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ успева во тоа, макар и што темпото на филмот не е секогаш кохезивно и дел од карактерите се шаблонски. Ако македонската, а и светската публика го земе тоа како поука, тогаш Теона си ја завршила работата.
Петра Бранковска