Кон „Слушај брат“ во режија, сценарио и кинематографија на Александр Елкан
Оцена: 3.5/5
Постои некоја иронија во самиот факт што студентскиот филм на младиот руски режисер Александр Елкан се фокусира на игнорантски, богати, привилегирани момчиња кои не се значително помлади од него. Овој профил на луѓе во денешна Русија не е никако непознат – спротивно со официјалната политика која ја води Кремљ против секаков вид – според нив – девијантно однесување (конзумација на опојни супстанци, западна „лоша и пропагандна“ музика, хомосексуалност). Сепак, може да се аргументира дека ова 72-минутно првенче е емотивна приказна за пријателсто во кое двајцата се сродни души и покрај краткото познанство.
Марк и Кирил се неразделни во се што прават. Имаат пасија кон хип/хоп и трап музика, дискотеки и девојки, па нивните секојдневија орбитираат околу овие три работи. Тие зборуваат непристојно и со вулгарен јазик, неретко прават шовинистички и други недолични шеги, уживаат во алкохол и во тепачки. Толку многу си одговараат што по месец дена познавање организираат заеднички одмор на Крим каде ги придружуваат и нивните „девојки“. Самиот факт што ја избираат токму оваа локација за нивното летно лудување е сведок за нивната игнорантност и отуѓеност од светот. Тие мислат само на својата забава и како да најдат проститутки додека камерата покажува очај во нивна позадина – сиромашни луѓе присилени на тежок живот во автократска земја.

Елкан покажува голема автентичност и верба во своите субјекти во начинот на кој што ги снима сите нивни интеракции и анегдоти. Тој понекогаш им дава целосна слобода да бидат свои – без никаква режија – за да фатат што е можно поавтентични мигови од нивните лудории, како на пример користењето на go pro камери под вода и „fish eye“ леќи додека возат скироли. Иако монтажата на моменти може да биде премногу остра и да нема чиста транзиција во наредна сцена, приказната која режисерот ја раскажува има сигурен но познат тек. Кавгите во кои влегуваат се навидум детски но целосно познати и оправдани – Марк само сака чувство на одобрување и целосно прифаќање од малку постариот Кирил.
Филмот во целина е солидно остварување во идниот опус на овој млад руски режисер. Човек може да го гледа на неколку начини преку различни призми, па поентата целосно зависи од индивидуата која (не) ужива во тоа искуство. Критика на едно контрадикторно општество, сатира или само невин видео есеј за природата на силните пријателства? Можеби барам предлабоко значење каде тоа не постои.
Петра Бранковска