Вистинска умешност е лаконски да се изразиш со малку зборови, а сепак, крајот да ги оправда средствата т.е. да ја долови целта. Сето тоа има уште повпечатлив ефект кога симболично е претставено на филмското платно, а продуцентката, режисерка и сценаристка, Бану Сиваџи целосно успева да ја претстави својата идеја во нејзиниот дебитантски игран филм. „Гулабот“ минатата година беше во потесниот избор за наградата најдобар дебитантски филм на престижното „Берлинале“, а притоа се закити со 20 награди и исто толку номинации од други европски филмски фестивали.
„Гулабот“ е долгометражен игран филм на турската режисерка Бану Сиваџи, а во главната улога на Јусуф е нејзиниот сонародник Кемал Бурак Алпер, во скромниот кастинг кој брои околу 10 актер/ки.
Младиот и невработен Јусуф живее заедно со постарите брат и сестра во пристојни услови за живот, иако на моменти делува дека семејството тешко врзува крај со крај. На кровот од нивната куќа, Јусуф пронаоѓа душевен мир, под отворено небо со неговите бројни миленици, гулабите. Тој ноќите ги поминува на кровот, таму ги одржува хигиенските навики и единствено за оброците поминува време во куќата, да му покаже почит на неговиот постар брат, Халил. Брат му не ја поддржува пасијата на Јусуф за гулабите и го гледа тоа како изгубено време. За почеток тој му ветува дека ќе му најде работа, полека да го интегрира во општеството и во вистинскиот свет…

Режисерката и сценаристка Сиваџи слика со многуслојна симболика на филмското платно, а сепак малку прикажува, повеќе провоцира и импресионира со нејзиниот начин на изразување. На самиот почеток, протагонистот ги оттргнува лушпите од кревко јајце и гулаб т.е. нов живот никнува на виделина, а на крајот, Јусуф е оставен со само едно јајце и неговата омилена гулабица, Маверди. Режисерката како да се повикува на изреката, секој крај е нов почеток и тоа го дополнува со крупниот кадар на облачното небо, зад кое се кријат сончеви зраци кои допрва ќе излезат на виделина. Низ текот на дејството, сите детали и сокриени знаци ја составуваат сложувалката и го оформуваат сценариото.

Ликот на Јусуф во приказната е како исфрлен, осамен, само со неговото име, останатите делови од неговиот живот се насетуваат низ текот на филмот, а сликата полека се формира. Постепено гледачот дознава за неговиот интровертен карактер, наметнувајќи се како одметник на општеството. Во оформувањето на карактерот голем удел има и актерската игра на главниот актер Алпер кој го доловува ликот на Јусуф претставувајќи ги ранливите страни на повлеченост, страв, тензија и доза на љубов која е видлива само кога ќе ги ослободи гулабите од ќумезот за дневната прошетка на птиците. Во случајов, гулабите ја прикажуваат слободата која му недостасува на Јусуф, а на која им се восхитува, завидува. Тој е млад човек приклештен од предрасуди, без социјален живот.
Камерата на кинематограферот Арда Јилдиран брои најчесто динамични блиски кадри, истакнувајќи ја кревката страна на протагонистот, но не изостануваат и крупните, далечни кадри во сцените кога Јусуф е препуштен на апсолутен мир со неговиот издувен вентил, осамените моменти со гулабицата Маверди. Директорот на фотографија прецизно ја комбинира играта на кадри, најчесто со класична музика во моментите на тензична атмосфера.

„Гулабот“ е сосема солидно, симпатично дебитантско филмско остварување на Бану Сиваџи преку кое доаѓа до израз нејзиниот талент и филмско око. Режијата многу интересно и алегорично ги доловува клучните делови од сценариото и делото го доживува посакуваниот ефект. Филмот е со времетраење од 76 минути, а тоа е доказ за мудра и уредна монтажа, истакнувајќи ги ударните сцени, а сепак оставајќи простор за гледачот да насетува, претпоставува и да открива детали. Единствената забелешка оди во делот на сценариото, кое делумно е лесно предвидливо, но ова го кажува гледач кој е запознаен со оваа традиционална култура на Турците, односно одгледување гулаби, додека, филмот е сигурно поинтересен и впечатлив за публика која првпат се запознава со ќумезите и гулабите на Јусуф.
Оцена: 6.5/10 Филип Мишов