Во соработка со Beach Film Festival организиравме работилница за филмска критика наменета за средношколци. Ова е една од рецензиите напишани на работилницата.
Оцена 10/10
Надреалистичниот краткометражен филм на Крсте Господиновски „Готлиб“ е интересно искуство кое на секоја индивидуа ѝ нуди можност филмската уметност да ја искористи со цел подобрување на својата личност.
Филмот ја прикажува осаменоста на уникатен начин. Приказната се одвива брзо и го вовлекува гледачот во животот на протагонистот по кого е именуван филмот (Готлиб всушност значи љубител на бога). Готлиб навидум се соочува со некаква болест која како да е ирелевантна за гледачите. Тој постојано го посетува својот лекар кој му препишува лекарства, па Готлиб добива чести „чкртаници“ од лекарот (т.е. рецепти), но публиката никогаш не дознава од што всушност боледува главниот лик. На овој начин, вешто е упатена критика кон апатичниот здравствен систем и етикетирањето на индивидуи како „болни“.

Од друга страна, Готлиб е често прикажан како тежнее да оствари врска со луѓето во неговото опкружување, што поттикнува безброј прашања за индивидуалната егзистенција. Готлиб како да е во делириум – присуствува на повеќе димензии, но во секоја од нив многу кратко и незначајно. Поврзувањето со останатите ликови често се најавува, но не резултира во нешто повеќе од замаглувачки основен дијалог и апатичен однос меѓу карактерите. Единствениот контакт кој Готлиб успева да го оствари во целост е прикажан преку сексуалните сцени „одглумени“ од платнени кукли. Со ова, Господиновски успеал на маркантен начин да постави уште едно прашање поврзано со осаменоста како тема.
Технички гледано, „Готлиб“ претставува квалитетно издржана кинематографска целина. Иако на прв поглед е неразбирлив и тежок за следење, брзите промени во кадрите погодуваат во целта и го поттикнуваат гледачот да размислува за причините позади неуредноста на главниот лик. Пренатрупаните случувања ја креираат драматичната атмосфера која брзо преминува од една шокирачка содржина во друга, уште потензична. Навидум неповрзаните кратки сцени, проследени со брзи и транспарентни кадри, се прекинуваат и преплетуваат меѓусебно преминувајќи во надоврзувачки пресврти, а тоа го отежнува прагот на „сфатливост“ на филмот. И покрај тоа филмот полека, но сигурно гради виор од емоции, нагласувајќи состојба на безизлезност од сопствената слепа уличка.

Иако можеби 3 години се многу за краткометражен филм (информација што ја вчудоневиди публиката присутна на разговорот со режисерот), сепак Господиновски успеал да најде начин вешто да ги комбинира комплексните техники на анимација. Краткиот филм содржи атрибути кои ветуваат светла иднина на светската сцена со тоа што исполнува два критериуми. „Готлиб“ успева да го нахрани гладот за пренос на порака, при што уредно ги запазува техничките карактеристики при реализација на едно вака комплексно филмско дело.
Андреа Алтипармакова