Кон „Горење“ во режија на Чанг-Донг Ли, сценарио на Јунгми О и Чанг-Донг Ли, кинематографија на Јунг-По Хонг.
Оцена: 5/5
Корејското режисерско „свето тројство“ од Чан-Вук Парк, Јон-Ху Бонг и Ји-Вун Ким го популаризираат модерниот корејски филм со години преку ремек дела како „Олдбој“ и „Домаќин“ кои длабоко навлегуваат во човековите перверзии и природа. „Горење“ е многу силен кандидат за промена на членството во тој колектив – Чанг-Донг Ли успеал во 148 минути маестрално да раскаже приказна за одмазда, социјалните класи и менталното здравје без многу зборови.

Јонг-Су (Ах-Ин Ју, суптилен и екстремно убедлив) е млад, срамежлив и по малку антисоцијален човек кој е принуден да се врати во своето родно село да се грижи за старата фарма. Тој го прави тоа без многу размислување, без разлика на фактот што тој штотуку се поврзал со стара пријателка од детството Хае-Ми (Јонг-Сео Јун, брилијантна во нејзиниот емоционално нестабилен лик). Нивната новодојдена конекција навидум е доста силна затоа што Јонг-Су го посетува нејзиниот стан во главниот град скоро секој ден за да ја нахрани мачката додека таа е на пат во Африка. Нивните лабилни ментални состојби доаѓаат на виделина кога ќе се појави Бен (Стивен Јеун, најсилната алка на филмот глумејќи лик кој наликува на Големиот Гетсби) со своја морничава агенда и доста необично хоби.

Токму тој е фокусот на камерата на Јунг По-Хонг, неговата мистериозна учтивост и однесување, говор на тело што посочува на здодевност иако просториите се полни со пријатели. Стивен Јеун потсетува на манипулативен куклар кој ги држи конците околу сите останати – неговиот лик е харизматичен и исто толку морничав кој ги држи судбините на неговите нови пријатели во рацете. Музиката на Моуг само ја засилува тензичноста и тешкотијата на атмосферата во втората половина на филмот кога Јонг-Су полека насетува големи зла, а Хае-Ми мистериозно исчезнува.
„Горење“ е класифициран како мистерија, но едно вакво дело не може да биде опишано само со еден збор. Стравот, депресијата и апатијата кои се карактеристични за тројцата ликови индивидуално, се шират како чума, за крајниот резултат да остави огромен емоционален печат кај гледачот.

Секое гледање филм кој се потпира на јазик кој е непознат за пошироката публика е уникатно искуство. Гледачот мора да се потпре на превод кој можеби не ја пренесува вистинската есенција на сценариото, па затоа стандардот за „добар филм“ е малку повисок. Останува на режисерот да најде начин да ја пренесе својата приказна најмногу преку атмосферата која ќе ја создаде, комуникацијата со актерите кои ги владеат ликовите и емоциите кои треба да се предизвикаат. Чанг-Донг Ли успева во она во кое што голем број режисери не успеваат – да создаде суптилно, скромно, но застрашувачки моќно дело кое ги отфрла сите етикети за да биде најдобриот филм во 2018 година.
Петра Бранковска