Моленбек – лулка на терор или игралиште за деца?

..„Во комбинација со ефективното користење на светлина и суптилната режија на Хухтанен, таа сцена е нагло будење од сонот на утописко детство со кое постојано ја залажуваат публиката. “

Кон „Боговите од Моленбек“ во режија на Рета Хухтанен, кинематографија на Хану-Пека Витикаинен
Оцена: 5/5

Во ерата на ксенофобија, тероризам и масовна миграција, Белгија е земјата од каде потекнуваат повеќе џихадисти по глава на човек од било која западно европска држава. Околу 520 регрути на каузата за Исламската Држава во Сирија се токму од овде. За подобро или полошо, бриселската населба Моленбек е втора најсиромашна во земјата, со околу 80 проценти муслиманска популација. Предрасуди, закани, заплашувања – тоа е реалноста на луѓето кои го населуваат тој мал простор од околу 6 квадратни километри. Овие проблеми сами по себе се привлечни за продукција на филмско остварување, но што ако секојдневието и навиките на локалците се погледнат низ призмата на неколку невини деца? Токму за тоа се интересира финската режисерка Рета Хухтанен која во 73 минути успеала да раскаже топла приказна за пријателство, прерано созревање и губењето на наивноста на група другарчиња припадници на различни националности.

Атос, Амине и Фло се 6 годишни деца кои деновите ги поминуваат правејќи различни активности: се возат со велосипеди, си играат во природа и си раскажуваат приказни. Нивните животи се среќни и исполнети, иако во позадина демне светот на возрасните кои гневно маршираат во протест против религиска омраза, но и се креатори на истата. Амине е муслиман од Мароко, Атос е Финец кој верува во грчката митологија и сака еден ден да биде како Хермес, гласникот на боговите, или можеби Посејдон, а Фло не е растена со религија. Тој понекогаш силно му завидува на Амине поради неговата верба во Бога, додека Фло упорно тврди дека „Ако веруваш во Бог, ти си луд. А ако полудиш, те молам прво предупреди ме “. Во комбинација со ефективното користење на светлина и суптилната режија на Хухтанен, таа сцена е нагло будење од сонот на утописко детство со кое постојано ја залажуваат публиката. Постојат низа деликатни, но ударни кадри, што сведочи за чувствителноста на темата која режисерката ја обработува. Во една извпнредна сцена, неколку мешани семејства прославуваат роденден на сите јазици кои ги зборуваат, што го прави филмот и интересна студија на карактери кои преку разговор и љубов кон ближните стануваат сојузници во заедничката борба за безбедна средина за сите.

Ова е прв  долгометражен филм на финската режисерка, која успеала во потфатот сите интеракции помеѓу ликовите и ситуациите во кои се наоѓаат да изгледаат што помалку исценирано. Тоа особено се забележува кога децата навидум невино лежат на ќилимите во една џамија, и Амине нефилтрирано му објаснува на Атос дека неговиот Бог е прав, поради тоа што арапите едноставно знаат сè. Таа реплика носи голема тежина со себе, но никогаш не звучи помалку невино. Камерата сталожено ја следи борбата на мајката на Амине која не се плаши да го однесе на протест чија главна цел е да се сруши стигмата дека сите муслимани се терористи. 

Самата населба е всушност во споредна улога. Статистиката не е толку важна колку децата кои растат во вакви средини. Тие живеат во свет кои го креирале луѓето кои треба да знаат повеќе од нив – возрасните – а нивното (пре)рано созревање е само последица на тоа. 

Петра Бранковска

Have your say