Генијалниот ум на Алфонсо Куарон низ емотивниот портрет на Клео

...„комплетно филмско остварување и редок производ во кој еден човек има јасна визија и безгрешно твори.“

Оцена: 5/5

„Рома“ е црнобел долгометражен игран филм, интензивна хибрид траги-комедија на мексиканскиот филмски уметник Алфонсо Куарон. Режисерот на култните „И мајка ти исто така“ и „Човечки синови“, овојпат целосно управува со диригентската палка во улогите на продуцент, режисер, сценарист и директор на фотографија. Оскаровецот создава оригинално, лично и емотивно сценарио базирано на вистински настани кое се издвојува како зенит во неговата богата кариера.

Сценаристот, приказната на „Рома“ ја фокусира околу животната орбита на куќната помошничка Клео, чиј лик е инспириран од детството на Алфонсо и дадилката која го израснала, Либорија Родригез. Тој ја портретира Клео од лични доживувања и во филмот може да се забележи со кое дете се поистоветува благодарниот режисер. Дејствието отвора прашања за социјалната класа и нееднаквоста во општеството, а индиректно ја вметнува и политичката ситуација во Мексико која има свој удел во случувањата.

Во раните 70-ти, Мексико се соочува со политички хаос, а во областа Рома близу главниот град, срамежливата Клео живее и работи како куќна помошничка во семејството на Софија и докторот Антонио. На младата девојка во домашните обврски и чувањето на децата ѝ помага Адела. Девојките го користат ограниченото слободно време за дружба со момчето на Адела, Рамон и неговиот братучед Фермин на кого му се допаѓа Клео. Тие двајца започнуваат љубовна врска, а таа по само неколку месеци останува трудна. Фермин кога ја дознава веста, ја препушта наивната Клео сама на себе во јазлите на стравот за нејзината иднина и нероденото бебе…

Приказната се одвива рамномерно, но на моменти доживува кулминации кои директно се чувствуваат бидејќи улогата на камерата ги прави гледачите инкогнито членови на големото турбулентно семејство. Режисерот и монтажер Куарон маестрално пренесува емоција преку сцените кои влијаат врз чувствата на Клео, Софија и нејзините деца. Камерата на Мексиканецот е поставена како дух во јадрото на сите случувања. Директорот на фотографија најчесто користи долги и статични кадри, а најмоќната сцена во „Рома“ ја претставува преку еден долг кадар помеѓу стравот на Клео, сончевите зраци и високите морски бранови, комбинација на чувства и природа. Отсуството на филмска музика, и покрај одмереното течение на филмот, го избиструва вниманието и ја комплетира атмосферата.

Јалица Апарисио која ја толкува Клео, за првпат во „Рома“ се појавува на филмското платно, а на моменти ќе се запрашате дали таа навистина глуми во филмот или пак е заробеничка во животот на куќната помошничка. Мексиканката не е единствена во оваа ролја, бидејќи избраниците од кастингот на Куарон се стриктно одредени по неговата замисла како личности и според персоналните карактеристики кои се поклопуваат со ликовите. Генијалноста на Алфонсо како режисер и кинематографер остава впечаток дека станува збор за фантастични актери, но всушност, тоа се аматери или почетници кои се на вистинското место, во вистинско време.

„Рома“ е комплетно филмско остварување и редок производ во кој еден човек има јасна визија и безгрешно твори. Алфонсо Куарон веќе собра бројни признанија по светот меѓу кои наградите „Златен лав“ и „Златен глобус“, а по „Гравитација“, генијалецот повторно претендира за најпрестижната награда „Оскар“, во категоријата за најдобар филм од неанглиско подрачје.

Филип Мишов             

Have your say