Фокус на „невидливите“ луѓе и нивниот пат кон среќата

...„страда од истиот проблем како голем број дебитантски филмови: желба да се раскажат премногу приказни одеднаш и користење на голем број клишеа, на сметка на умешна употреба на оригиналниот пристап кон секојдневните проблеми на „невидливите“ луѓе.“

Кон „Сѐ уште човек“ по сценарио и режија на Оливер Чан, кој доби две награди на Фестивалот на филмови од далечниот Исток: главната награда од публиката и наградата од критичарите. 

3/5

Во денешно време, голем број филмски работници одлучуваат да ја свртат камерата кон „невидливите“ категории луѓе, како што се социјалните случаи, мигрантите, луѓето со инвалидитет, итн. Долгометражното првенче на Оливер Чан отскокнува од воспоставените шеми за  ваквите приказни – наместо да „држи лекции“ како и овие луѓе заслужуваат почит притоа капитализирајќи на нивната несреќа, Чан се посветува на хуманистичко прикажување на нивниот светоглед и успева да изгради максимално емпатично филмско патување.

Чеонг-винг (Ентони Вонг) е градежен работник со тежок карактер, кој останал парализиран од рамениците надолу (со ограничена подвижност на рацете) по несреќа на работното место. Неговата сопруга и синот го напуштиле и се преселиле во САД, а Чеонг-винг останал во Хонг Конг каде живее сосема сам, во стан за социјални случаи, со повремена помош од неговиот единствен пријател Фаи (Сем Ли). На помош доаѓа наивната, но силна Евелин (Кризел Консунџи) која ги занемарува своето високо образование и соништата за професионална кариера како фотограф, па во потрага по финансиска стабилност, од родните Филипини мигрира во Хонг Конг за да работи како домашна помошничка на Чеонг-винг. И покрај иницијалните проблеми во комуникацијата и јазичните недоразбирања, Чеонг-винг и Евелин успеваат да изградат топол однос заснован на емпатија и поддршка за остварување на своите соништа. За целосно доживување на успесите и падовите во нивната потрага кон заемно разбирање, клучна е изведбата на Ентони Вонг кој одлично ја отелотворува кршливата разочараност од животот на Чеонг-Винг.

Најсилната страна на „Сѐ уште човек“ е успехот на режисерката Чан во доближувањето на животните приказни на „невидливите“ луѓе до пошироката публика, притоа користејќи ги специфичните карактеристики на животот во Хонг Конг како отскочна даска за универзализирање на обработените теми. Сепак тешко е да се поверува во некои од случувањата во филмот, што ја намалува неговата реалистична вредност. Претераната употреба на среќни случајности и сентиментална музика изведена на пијано (Чау Фонг Нинг Агустин) создаваат, на моменти,  мелодраматична атмосфера слична на Дизниевите бајки. Дополнителна потешкотија е неможноста на режисерката да се откаже од некоја од споредните приказни што води до непотребно обременување на филмот (како сцената во барот, ала „Сексот и градот“) и неконзистентен раскажувачки пристап. Па така, во првиот дел приказната тече брзо и со добро осмислен логички редослед фокусиран на најважните моменти, а вториот дел е непотребно развлечен.

Како целина, „Сѐ уште човек“ страда од истиот проблем како голем број дебитантски филмови: желба да се раскажат премногу приказни одеднаш и користење на голем број клишеа, на сметка на умешна употреба на оригиналниот пристап кон секојдневните проблеми на „невидливите“ луѓе. Сепак ова не го уништува генералниот впечаток дека станува збор за солиден дебитантски филм на сценаристката и режисерка Оливер Чан.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say