Замислете си ја следната ситуација: девет часот наутро, надвор врне и дува, а пред кино-салата има огромна редица луѓе кои чекаат да започне првиот филм на денешната програма.
Вака изгледаше речиси секое утро во текот на 21-вото издание на Фестивалот на филмови од далечниот Исток (и со она „речиси“ реферирам на променливото време – само два од фестивалските денови беа сончеви). Без разлика на терминот во кој се прикажува, жанрот или земјата од која филмот доаѓа, салата во Teatro Nuovo Giovanni во Удине беше полна со заинтересирани гледачи за буквално секој филм од шареноликата фестивалска програма. Поради тоа што од модерната азиска кинематографија ги следам единствено трендовите во полето на аниме, токму комерцијалниот аспект на Фестивалот за мене беше истовремено и најголем предизвик, интересно освежување и директно запознавање со вкусовите на публиката во азиските држави кои имаа свои претставници на ФФДИ.

Покрај големиот интерес на публиката во Удине за комерцијалните филмови од современата азиска кинематографија, како еден од највпечатливите аспекти на Фестивалот морам да го издвојам и мудрото искористување на големината на Удине во полза на генералната цел на ФФДИ: градење на врски помеѓу Европа и Азија. Компактноста на градчето овозможува неочекувани блиски средби со голем број од учесниците на фестивалот (често се случуваше на соседната маса да седи познат новинар или некоја од филмските ѕвезди кои пред само неколку часа сме ги гледале на големото платно), а неформалната атмосфера на ФФДИ допринесува за опуштено вмрежување и создавање голем број пријателства. Она што е можеби најважно е дека ФФДИ е меѓу омилените фестивали на филмските работници од Азија – за голем број од нив, учеството на фестивалот во Удине било клучно за нивниот успех надвор од азиската филмска индустрија, па се враќаат секоја година во потрага по нови искуства, соработки и проекти.

Неколку месеци по искуството наречено ФФДИ, морам да признаам дека совршено ги разбирам: релативно топла европска пролет, богата програма која ја отсликува комерцијалната азиска кинематографија од изминатата година и голем број филмофили кои во текот на фестивалот своите денови ги организираат според термините во кои се прикажуваат филмовите. Што повеќе човек да посака?
21-вото издание на Фестивалот на филмови од далечниот Исток низ бројки
*Важна информација како референтна точка за споредба: Удине брои 99 000 жители.

На деветдневната програма имаше 77 филмови кои ги гледаа повеќе од 60 000 посетители. Повеќе од 200 филмски работници допатуваа во Удине да го промовираат филмот на кој работеле, повеќе од 200 филмски професионалци од Европа и Азија присустваа на фестивалот, а над 1600 акредитирани новинари, критичари и амбасадори од други фестивали допатуваа од повеќе од 20 држави за медиумски да го покријат фестивалот. Во дополнителната програма имаше повеќе од 100 настани на кои присуствуваа повеќе од 20 000 посетители.
Фокус на комерцијално успешни филмови
Програмата на 21-вото издание на ФФДИ е силен доказ за огромниот напредок на азиската кинематографија, а квалитетот на филмовите е на еднакво високо ниво како некои од поголемите Холивудски продукции. Во официјалната селекција на ФФДИ 21 се забележуваат две поголеми струи на филмови. Првата струја беше посветена на социјално ангажирани приказни кои целат кон отворање на важни општествени прашања – солидни примери за ова се јужно-корејскиот „Innocent Witness“ (Lee Han), кинескиот „The Crossing“ (Bai Xue) и „Three Husbands“ (Fruit Chan) од Хонг Конг. Втората струја опфати „полесни“ филмови фокусирани на забавата на гледачите, како што се индонезискиот „212 Warrior“ (Angga Dwimas Sasongko), филипинскиот „Eerie“ (Mikhail Red) и „Bodies at Rest“ (Renny Harlin) од Хонг Конг. Како личен фаворит (кој стои токму на границата помеѓу двете струи) би го издвоила омнибусот „Ten years: Japan“ во кој под водство на Hirokazu Kore-eda (режисерот на „Крадци по продавници“), петмина млади режисери ги споделуваат своите визии за потенцијалните идни проблеми во јапонското општество во следната декада.

Главната награда од публиката, како и наградата од критичарите, ги доби филмот „Still Human“ во режија на Oliver Chen од Хонг Конг. На второ место, според гласовите од публиката, се пласираше кинеската црна комедија „Dying to Survive“, а третото место го освои јужнокорејскиот блокбастер „Extreme Job“. Наградата за најдобро долгометражно деби му припадна на јапонецот Tanaka Seiji за филмот „Mehalncholic“.
Акредитацијата на која пишува „Кампус“ ги отвора сите врати

Главната причина за моето присуство на Фестивалот на филмови од далечниот Исток беше учеството на петтото издание на програмата за млади филмски критичари и новинари, наречена Кампус. Заедно со уште девет млади учесници од Европа и Азија, ја имав можноста да учам од звучни имиња кои пишуваат за едни од најголемите медиуми во полето на филмот (како Hollywood Reporter, Variety и Screen International), како и да присуствувам на голем број интервјуа и мастер-класови од познати филмски работници како што се Angie Chen (режисерката на „Мy name ain’t Suzie“), Jeon Do-yeon која ја доби наградата за најдобра актерка на 60-тото издание на Филмскиот фестивал во Кан за улогата во „Secret Sunshine“ и Sabu чиј најнов филм „Jam“ ја доби наградата од критичарите на Филмскиот фестивал во Москва оваа година.

Освен планираните активности во склоп на Кампусот, најголемата придобивка беше токму можноста за учество на буквално сите настани и проекции во склоп на ФФДИ. Поради тоа што акредитацијата на која пишува „Кампус“ ги отвора сите врати, секој од нас (младите критичари и новинари) имаше одврзани раце сам да го курира своето искуство во Удине. Па така, деновите започнуваа со филмовите во утринските термини, за потоа да следува мастер-клас со некој од етаблираните филмски новинари и критичари. По кратка пауза за ручек и дискусија со останатите учесници на Кампусот околу филмовите кои сме ги гледале дента, доаѓаше време за следниот филм или два, зависно од индивидуалната концентрација, обврските кон Кампусот и уредниците, и жанровските преференци. Секако, денот не би бил целосен без финале во некој од одличните ресторани во Удине!
Јована Ѓорѓиовска