Жанру, љубов моја!

...„Билењки додава вознемирувачки детали на „замрзнатиот“ гламур на високата средна класа.“

Во „Татко“ (2019) една тинејџерка живее во куќа на планина каде што на гости доаѓа нејзината постара сестра. Додека зборуваат за секојдневни нешта, помладата признава дека во текот на целото лето јадела само замрзната храна. Овој коментар лесно може да се примени и на жанровски „замрзнатите“ филмови кои ги продуцира индустријата – во последните години најчесто станува збор за летни блокбастери, но жанровски „замрзнатите“ филмови се еднакво стари колку и Холивуд, иако до сега многупати ги имаат менувано имињата. Младиот канаѓанец Владимир Билењки како да го следел рецептот и најмногу се посветил на надворешниот слој (кората) на филмот. 

Очекувано, дејството се одвива во планинската куќа околу која често се појавува некакво мистериозно суштество. Двете сестри се однесуваат доста отуѓено една од друга – Деана е типична бунтовна тинејџерка, а Дебора е побожна млада дама која наликува на кукла и преживеала леукемија. Ги гледаме заедно во планинската куќа некаде во канадските шуми, прикажани преку одлични пејзажи – дело на кинематограферката Стефани Ан Вебер Бајрон. Основните карактеристики на хорор филмовите се исполнети, но следува психолошка драма која на моменти наликува на „сапуница“.

Пристигнувањето на Дебора изгледа подеднакво чудно како и начинот на кој Деана ја пречекува. За семејниот собир да биде целосен, двете, како да го чекаат Годо, долго чекаат да пристигне нивниот татко (за кој публиката гради слика на мрачна и перверзна фигура). Дијалозите помеѓу Дебора и Деана се конфликтни, што создава чудна атмосфера. И двете биле сексуално злоупотребувани од нивниот татко, и разговараат за овие искуства како да се подеднакво и трауматични и возбудливи. Како што навлегуваат се подлабоко во нивниот Стокхолмски синдром, така секое спомнување на мајката прави таткото да изгледа како попосакуваниот родител во нивното семејство. Дополнително, во еден момент, помеѓу сестрите се појавува натпреварувачки однос поради тоа што и двете возбудено го очекуваат инцестуозниот допир на таткото. Згора на се, генералната атмосфера постојано се менува поради невообичаените „нервни сломови“ на Деана, кои прават да изгледа како да е опседната од некаква натприродна сила. Од топол сестрински однос кон манична одмазда, Деана и Дебора се на емоционален ролекостер.

Поради предвидливоста на дејството од почетокот до крајот, „Татко“ не е особено возбудлив филм. Она што се издвојува е фактот дека иако не е особено екстравагантен, филмот оддава почит кон она што порано била кинематографска екстраваганција. На некои од гледачите токму претставувањето на злоупотребата како нешто гламурозно може да им се чини несоодветно. Големата планинска куќа, замрзнатото езеро, елегантните алишта и женствените ритуали – сето ова сугерира дека „девојките се едноставно девојки“. Но Билењки додава вознемирувачки детали на овој „замрзнат“ гламур на високата средна класа. За мене, самата идеја дека злоупотребата може да се претстави на гламурозен начин е доволно провоцирачка што ми е драго дека „Татко“ го отвора ова прашање. 

Сапунските серии имаат долга традиција на постоење помеѓу екстремно патријархалните семејни портрети и трансгресивните прикажувања на жени кои најчесто припаѓаат на етнички, расни и други социјални малцинства. Истото важи и за Б-хорор филмовите – галерија на дебатливи алегориски портретирања на опседнатост од натприродни сили со голема доза на еротизам, без разлика дали станува збор за духови, вампири или чудовишта. Ова не се само традиционални карактеристики на кинематографијата на маргинализираните заедници, туку и клучни елементи на нејзините приказни, кои Билењки ги користи во „Татко“ (некогаш на паметен, некогаш на несмасен начин). Дали порано овие елементи се користеле на ваков начин? До каде „оди“ нивната употреба во 21-виот век? Не многу далеку, судејќи по фактот дека голем број од клучните елементи на хорор филмовите и „сапуниците“ се стеризилизирани, за подобро или полошо, поради континуираната промена во сензибилитетот на нивните групи. Сепак, припадноста во една група е истовремено и прашање на сензитивност и одреден код на однесување, па така најпривлечната карактеристика е токму тоа дека не може лесно да се сподели со останатите, поради тоа што правилата за (не)припаѓање на групата се нејасни. Нивните промени се директно поврзани со популаризацијата на одредена група, се до самата Мет Гала.  

Начинот на кој одредени групи ги употребуваат често неверојатните елементи на „сапуницата“ резултира во поголема важност на сочната нереалистична драма, отколку на политиките на претставување. Поради тоа, Б-продукциите означуваат многу важно време и простор во филмската индустрија. И во Холивуд, но и надвор од него, голем број од овие филмови – езотерични и често „аутсајдери“ – се бореа против Б статусот при тоа претворајќи се во мали ремек дела. Но како што Б не е последната буква во азбуката, така техниколор филмовите (може ли Мариа Монтез да понесе политичка одговорност за нешто?) и телевизиските сапуници веќе активно работеа во полето, по кои следуваа експерименталните филмови од шеесетите, полноќните филмови, продукцијата на порно филмови во седумдесеттите, итн. Различноста и маргиналноста беа конечно прифатени и, чекор по чекор, интегрирани во денешната филмската култура (или култури?).  

Тогаш каде фигурира „Татко“ во ерата по #MeToo? Според мене, на доста безбедно поради тоа што неговата главна задача како да е создавањето на два многу вознемирувачки простори – куќата каде што злоупотребата се одвива(ла) и нејзината околина која (не) крие опасност. Сепак, куќата не е единствениот внатрешен простор кој се чини небезбеден – границата помеѓу психичкиот и физичкиот простор во филмот на Билењки е нејасна, особено поради тоа што двете сестри ја имаат веќе интернализирано траумата и инцестуозната страст не само помеѓу ѕидовите во кои живеат, туку и во нивните умови. 

Калин Бото

Авторот учествуваше на програмата Sarajevo Talents Press 2019 на 25-тото издание на Сараевскиот филмски фестивал, каде, под менторство на Дана Линсен и Јоана Павлова, ја напиша оваа рецензија. Оригиналната верзија на рецензијата на англиски јазик е достапна овде.

Have your say