Кон „Човек во сенка“ во режија и сценарио на Адам Мекеј, кинематографија на Грег Фрејзер.
Оцена: 3.5/5
Американскиот потпретседател Дик Чејни од администрацијата на Џорџ В. Буш отсекогаш бил енигматична фигура. Никој не знаел премногу за него, но едно било сигурно: претседателот не бил тој што ги носел големите одлуки. Адам Меккеј, режисерот кој достигнал огромен успех со сатирата „Големиот кусок“ каде ја исмева кризата на
недвижности во САД, се чини дека сака да стане специјалист за злото позади американскиот капитализам. Неговиот Чејни е лик кој е толку недопадлив, бескрупулозен и опседнат со градењето на своето его за кое плаќаат илјадници луѓе со своите животи. Човекот кој практично бил архитектот позади војната во Ирак, на хартија е одличен субјект за еден холивудски филм. Тоа го прави разочарувањето од продукцијата на ова 132 минутно долгометражно дело уште поголемо.

Дик Чејни (Кристијан Бејл во за него типична камелеонска улога), родум од конзервативната Небраска, е навидум просечен работник без многу амбиции. Избркан од Јејл поради претерано пиење алкохол и недолично однесување, тој е разочарување за неговата сопруга налик Лејди Макбет, Лин (Ејми Адамс, брилијантно убедлива). Со нејзина помош, тој се пробива низ републиканските редови во Вашингтон за да стане една од најважните фигури во пропаднатото претседателство на Гералд Форд. Неговите тактики на мудро молчење, впивање на информации и лик кој не е често запаметуван му одат во прилог за исполнување на сите негови амбиции. „Човек од сенка“ не е типичен филм – Адам Мекеј користи лик кој на моменти се обраќа директно кон публиката, критикувајќи ги постапките на потпретседателот. Карактерите на моменти користат метафоричен јазик полн со безобразлук додека зборуваат едни со други, се со цел да се долови апсурдноста на американскиот политички систем.

Штета е што во голем дел од времето, сите елементи кои го прават филмот поразличен од останатите биографски продукции не го достигнуваат својот потенцијал. Приказната се влече, поголемиот број политичари се лоши карикатури, а вистинските зла како оркестрирањето на беспотребната војна во Ирак не се доволно обработени. Најдобрата сцена во целиот филм е можеби уште една метафора во која маестралниот Алфред Молина, во улога на келнер во ресторан, ги служи Чејни и неговиот тим додека им го објаснува менито – сите начини на кои може да се искриви Американскиот законодавен систем.
За волја на вистината, техничките аспекти на „Човек во сенка“ не се на завидно ниво. Уредувањето на филмот од страна на Хенк Корвин изоставува голем број на сцени, па во одредени моменти не се знае како се стигнало до одредена точка. Самиот режисер е опседнат со кршење на четвртиот ѕид, а ликот кој го прави тоа воопшто не придонесува кон приказната.

Можеби најголемиот пропуст во драматизацијата е врската помеѓу Дик и Лин со нивната хомосексуална ќерка, што го лишува филмот од одлична семејна динамика. Таа е во директен конфликт со конзервативноста на своите родители кои ќе направат се за моќ, па дури и ќе ги повредат нејзините чувства во медиумите.
Штета што на крајот виси тежина и тензичност во воздухот како да Дик Чејни го добил токму тоа што го сакал.
Петра Бранковска