Бруталност и хорор во име на лажни пророци

„Сцените со голема доза на акција и насилство се режирани со таков фокус и дисциплина што навистина се чувствува хоророт и тензијата на ликовите. “

Кон „Хотел Мумбај“ во режија на Ентони Марас, сценарио на Ентони Марас и Џон Коли, кинематографија на Рик Реми Метјус.

Оцена: 4/5.

„Хотел Мумбај“ не е првата адаптација која ги обработува трагичните настани од 2008 година кога група терористи го опседнале престижниот хотел „Таџ Махал“ во поранешен Бомбај, но е можеби највознемирувачката. Базиран врз документарецот „Масакрот во Бомбај“ од 2009 година со премиера на 10 годишнината од трагичниот настан, филмот е долгометражен првенец на австралискиот продуцент Ентони Марас. Тоа може да се забележи во доста елементи: режијата е прецизно координирана со инсерти од вистинскиот настан проткаени низ филмот, а стилските вредности се занемарени за да се направи простор за прекумерен хорор. Тоа не секогаш е лоша одлука, како во случајот со овој филм, но се поставува прашањето дали навистина огромното насилство придонесува за квалитетот на филмот или се користи за прикривање одредени недостатоци?

Група терористи со потекло од Пакистан, започнуваат низа на напади во Мумбај, Индија кои кулминираат со опсада врз хотелот. Дел од луѓето кои се борат за своите животи се инспирирани од вистинските преживеани, а дел се креативна слобода. Арјун (Дев Пател, најсилната алка на филмот) е келнер, по потекло Сик кој се наоѓа во центарот на хаосот додека го ризикува својот живот за да ги спаси гостите. Во хотелот постои изрека со која шефот на кујната Оберој (Анупам Кер, доста сигурен) воведува извонредна дисциплина: Гостинот е Господ. Тој израз е повторуван неколку пати во филмот за да се потенцира фактот дека пола од загинатите во оваа трагедија биле токму персоналот кој се обидувал на сите начини да ги заштити клиентите. Можеби токму тоа предизвикува овој филм да има криза на идентитетот – дали е критика на хорорите од тероризмот со големиот број на пренасилни сцени, или е приказна за херојството на естаблишментот на хотелот (кој соработувал со продукцијата)?

Кон оваа збунка додава и фактот што сценариото на моменти како да пробува да изнуди емпатија за терористите. За волја на вистината, тоа е помалку важно кога ќе се земе предвид финалниот продукт. Наспроти избраниот  формат на класично прераскажување придружено со пуканки, „Хотел Мумбај“ е солиден филм. Сцените со голема доза на акција и насилство се режирани со таков фокус и дисциплина што навистина се чувствува хоророт и тензијата на ликовите. Тој трае цели 123 минути, но никогаш не се „влече“ туку ја искористува секоја минута при постојано темпо. Камерата на Рик Реми Метјус е секогаш фокусирана на ликовите и во моментите кога тие искусуваат невидена болка и ужас без притоа да прави трикови со перцепцијата на гледачот.

„Хотел Мумбај“ можеби претерува со графичкото насилство, но е вистинита и безбедна адаптација која паметно одбива да се занимава со какво било политичко прашање. Уште само да го изгубеше чувството на реклама за веќе реставрираниот хотел.  

Петра Бранковска

Have your say