„Болка и слава“ – Исповед на култниот Алмодовар

„Кинематографијата го прави филмот визуелно привлечен, разигран со интензивен и раскошен спектар на бои кои ја движат компарацијата со конзумација на кокаин и халуцинациите на Маљо.“

Салвадор Маљо (А. Бандерас) е филмски режисер кој постојано закрепнува од бројни здравствени заболувања на кои не им се гледа крајот. Тој одамна престанал да работи поради проблеми со здравјето, но една кинотека е заинтересирана да го прикаже неговиот најуспешен игран филм кој му ја одбележал кариерата. Тој е заинтересиран, но истовремено уплашен од тоа да се врати пред очите на публиката, а паралелно не е во добри односи со главниот актер од филмот. Нивната средба буди стари недоразбирања, но и спомени кои се претвораат во ретроспектива на животот на Маљо…

Оскаровецот Педро Алмодовар полека влегува во осмата деценија од животот, а тој во богатата кариера се има судрено со многу предизвици, но сега, првпат, се соочува со императивот да го претстави сопствениот живот на филмското платно. Авторот на наградуваните „Зборувај со неа“ и „Сè за мајка ми“ во неговиот најнов игран филм цели кон тоа да ја прикаже креативната криза и емотивната болка кои влијаат на уметничкото творештво. „Болка и слава“ е автобиографски филм, персонален во кој Шпанецот се поистоветува со протагонистот и неговата сторија има задача да ја пренесе овогодишниот добитник на наградата „Златна палма“ за актерска игра, Антонио Бандерас.

Сценариото на Алмодовар започнува со спомени од минатото, детството на малиот Салвадор и неговата мајка Хакинта (Пенелопе Круз), а потоа се префрла во сегашноста, но повторно, на моменти му приредува прошетка на гледачот во личната историја. Дејството доживува заплет во почетните 30 минути, но целосната кулминација е при самиот крај. За жал, сувопарните разговори помеѓу ликовите и актерската игра на Бандерас го прават филмското остварување напорно за гледање и на моменти, прилично досадно. Велат, крајот го краси делото и тоа дефинитивно е случај во „Болка и слава“, но за гледачот да стигне до крајот, треба “да истрпи” период без многу случувања со минимална доза на хумор, заглавен во приказната со моменти кои се повторуваат, поради кои постои шанса нетрпеливите трагачи на искра да се откажат во обидот да го догледаат филмот…

Режисерот Алмодовар добива заслуга за деталите на кои обрнува доста внимание и го насочува гледачот кон претпоставки, посебно поврзани за неговата хомоеротска природа. Од врската на малиот Салвадор со ѕидарот кој ја уредува неговата пештера т.е. дом, до завршетокот и поврзаноста со стариот љубовник. Кинематографијата го прави филмот визуелно привлечен, разигран со интензивен и раскошен спектар на бои кои ја движат компарацијата со конзумација на кокаин и халуцинациите на Маљо. Голем удел во оваа целокупна слика има продуцентот и брат на Педро, Агустин како и директорот на фотографија Хозе Луис Алкаине. Тој најчесто користи блиски, крупни кадри преку кратки сцени кои ги истакнуваат и најситните пори на актерите и се обидуваат да го внесат гледачот во приказната.

Автобиографското филмско остварување и личната приказна на Алмодовар алудираат повеќе на болка, отколку слава. Режијата на Педро и снимателската палка на Алкаине ја прават квалитативната разлика, посебно камерата на Хозе Луис, добитникот на наградата за животно дело „Златна камера 300“ при фестивалот „Браќа Манаки“ од 2013 година. Но, Антонио Бандерас и покрај освоената награда за најдобар актер од Кан, остава впечаток во целост на типизиран актер кој одзема од впечатокот и интересниот крај кој дава сосема друга димензија. Бандерас можеби е совршениот пандан на Алмодовар како човек, но тоа не го менува облачето преполно со идентично изглумени ликови. Раскошната кариера на Алмодовар брои подобри производи, а „Болка и слава“ е лично парче во омажот на Шпанецот. Режијата на Алмодовар го пренесува конфликтот со самиот себе, а тоа влијае и на моментот кои делови да ги вметне во „Болка и слава“, кои го матат ефектот. За крај, можеби токму тоа што тој првично е нејасен сам со себе е јадрото на карактеристиката што го прави различен и уникатен, а неговата филмографија и статусот култен, со бројни признанија низ кариерата.

Оцена: 6/10                                                                                                   Филип Мишов