Кон „Боемска Рапсодија“ во режија на Брајан Зингер, сценарио на Ентони Мек Картер, кинематографија на Њутн Томас Зигел.
Оцена: 2.5/5.
Влијанието кое култниот музички состав „Квин“ го има врз светската култура е неспорно. Огромен дел се должи на неверојатно харизматичниот и талентиран пејач Фреди Меркјури, кој според официјалните биографии водел доста „колоритен“ живот. Имено, шокантно е дека поминале 27 години без да се портретира неговата приказна на големиот екран. Шармантен, андроген, енергетичен и носител на можеби најмоќниот вокал на сите времиња, Фреди важел за секс симбол опркужен со контроверзи. Огромна штета е што токму тој човек не е во фокусот на 132 минутната драма наводно базирана на неговите денови во „Квин“. На негово место стои некоја цензурирана верзија без карактеристичниот магнетен маскулинитет и членови на бенд кои се морално безгрешни во светот на развратните 80-ти.

Сè што треба да се очекува од оваа „биографска“ приказна е втиснато во најавната шпица – копродуцирано од членовите на „Квин“ кои живеат и ден денес. Нормално е тогаш тие да бираат што ќе ѝ прикажат на масовната публика, а што не.
Приказната го следи младиот Фарук Булсара (Рами Малек кој дава сè од себе и е доста солиден) кој од занзибарски имигрант прераснува во најголемата светска ѕвезда, Фреди Меркјури. Формулата не е поразлична од 90 проценти од биографските филмови на холивудскиот пазар – млад човек се обидува да ги победи предрасудите, наоѓа успех затоа што верува во себе, а притоа добива помош од пријателите. Тој успех е злоупотребен поради пороци, себични амбиции и лоши влијанија кои го отуѓуваат од пријателите кои му помогнале. Сепак, крајот е среќен – тој сфаќа дека погрешил и ги моли да му простат за сè да се врати по старо.

Колку и да е клише, таа формула е многу пати успешна во популарната култура, но во „Боемска Рапсодија“ е комплетна лага. Најблаго кажано, биографиите не кореспондираат со приказната во филмот. Фреди Меркјури никогаш не ги напуштил своите колеги туку напротив, тие први започнале соло кариери. Тој доцна дознал за смртоносната болест која ја носел, а во филмот таа свесно е искористена како алатка за божемно помирување и разбирање помеѓу членовите на бендот. Самата негова хомосексуалност е третирана како табу тема – нешто што било карактеристично за неговиот карактер додека останатите ликови уживаат „чесен“ живот без дрога и љубовници. Изборот што го прават филмаџиите е практично ублажување на историјата како и прилично разочарувачки поради фактот што самиот режисер се идентификува како хомосексуалец. Музиката и продукцискиот дизајн кои го следат овој незадоволителен тек на настаните се најсветлата нота во оваа филмска композиција – Џон Отман ги придружува оригиналните песни на „Квин“ и води до спектакуларна кулминација на легендарниот Лајв Ејд концерт.

Гледајќи го филмот, не може човек да не се праша како би изгледал филм за Фреди без членовите на „Квин“ да вмешале прсти. Рами Малек е одличен во улогата и успева да го долови духот на Меркјури, ако не и неговата целосна комплексност. Останатите актери кои го сочинуваат бендот се забораваат за 5 минути, што е штета за раскошот на прекрасните сетови и костими. Можеби актерот Саша Барон-Коен ќе успее некогаш да направи достоен филм за кралот на рокот – нецензуриран, нефилтриран, некомерцијален.
Петра Бранковска