Вресокот зад дебелите кулиси на лажната тишина е разоткриен во „Зад хоризонтот“

„Импресивна е вистинскиот збор со кој може да се опише актерската игра. Секој момент е значаен, бидејќи видливо е дека глумците биле целосно соединети со своите улоги.“

Режија: Делфин Лерисе; Сценарио: Жоан Гигер; Директор на фотографија: Кристоф Бокарн; Улоги: Летиција Каста, Клеменс Поеси, Лук Бруше, Патрик Дескам

Оцена: 8/10

Приказна временски далечна на сегашноста, а суштински толку блиска е раскажана во мистичната драма „Зад хоризонтот“. Тринаесетгодишниот Гус (Лук Бурше) е дете израснато во седумдесеттите. Тој ужива живеејќи безгрижен живот далеку од бучавата на големите француски метрополи, во едно село заедно со своите најблиски. На летните жештини им нема крај, но тоа не претставува никаков проблем за Гус. На неговите родители не им е баш сеедно со оглед на тоа што нивните животни не можат да ја поднесат топлината. Ова не е единствениот проблем со кој се судира семејството на Гус. Со текот на филмското дејство се чини како горештината да доаѓа повеќе однатре отколку од надвор. 

Импресивна е вистинскиот збор со кој може да се опише актерската игра. Секој момент е значаен, бидејќи видливо е дека глумците биле целосно соединети со своите улоги. На секој од ликовите како да му било вметнато нешто од сопствените карактерни особини на глумецот, што придонесува многу за заемната интеракција на гледачите и протагонистите. Низ целиот филм, особено преку улогата на мајката на Гус, (Летиција Каста) е проткаена порака со исклучителна важност за сите генерации, дека самите се сносиме со последиците за нашите постапки и дека клучното за меѓусебните односи лежи во искреноста и довербата. Шармантната Летиција Каста одлично се снашла во ликот на Никол. 

Во најтешките мигови на осаменост, кога има недостаток на дијалог, звучните ефекти и музиката ја имаат главната задача, која овој пат и не ја одиграа баш најдобро, бидејќи се чини како музиката и звучните ефекти да си ги имаат измешано улогите. Во моментите кога е потребна музика, се истакнуваат звучните ефекти и обратно. 

Како и да е, „спасителот“ во овие моменти е кинематографијата, која самата по себе, не остава простор за каква било критика. Точноста и унифицираниот стил во снимањето се двете главни компоненти кои влијаат врз тоа кинематографијата на „Зад хоризонтот“, да им стане пандан на кинематографиите на големите холивудски имиња. Овој филм, на некој начин го прави посебен и времетраењето од час и триесет минути, поточно начинот на кој се употребени овие деведесет минути, за да се раскаже оваа тмурна приказна. Режисерката (Делфин Лерисе) направила храбар избор, со тоа што развлекла голем дел од сцените без дијалог во нив. Иако можеби во одреден момент ќе ни се чини дека еден миг трае цела вечност, брзо ќе сфатиме дека тоа било целта при правењето на филмот, сакајќи ние како дел од публиката, овие делови од приказната да ги поврземе со реалноста на нашите животи, односно моментите кои ни се чинат бесконечни, благодарение на лошата ситуација во која сме се нашле.

Овој филм нема многу богата историја награди, поточно има две номинации и една победа на Сан Себастијанскиот филмски фестивал во 2019 година. Но, според она што овој филм го нуди на големото платно е заслужен за многу поголемо внимание од филмските фестивали ширум светот. Еден добар филм мора да поседува моќ со која ќе го внесе гледачот во својот свет, а „Зад хоризонтот“ го направи тоа дури и повеќе од очекуваното.

Евгенија Арсова

Have your say