„Ангелот“ – Хибриден идол или сериски убиец?

...„главниот лик Карлос (Лоренцо Феро) изгледа како забавен другар за кого родителите од дома ве советуваат да го избегнувате во училиште со цел да не влезете во неволја.“

Во последните неколку години, филмската индустрија ужива да ја извитоперува вистината и создава свои верзии преку навидум различни гледишта, а ова посебно се однесува на историски громорозни настани. Моментално, адекватен и актуелен пример за ваков случај е навидум различното претставување на иста личност преку филмот за серискиот убиец Тед Банди – „Екстремно, шокантно и изопачено зло“ и мини документарниот серијал на Нетфликс – „Разговори со убиец: Касетите со Тед Банди“. Модерната оска ја следи и режисерот и сценарист Луис Ортега со продуцентите и реномирани филмски уметници, браќата Педро и Агустин Алмодовар во нивното најново остварување „Ангелот“.“

„Ангелот“ е долгометражен игран филм за озлогласениот сериски убиец со мил и бебешки изглед, Карлос Робледо Пук од Аргентина.

Карлос е тинејџер од нормално семејство кој се коси со добрите карактеристики на неговите родители. Тој себеси се смета за слободна и самостојна личност за која на светот не постои свое и туѓо, туку сите материјални добра ги гледа како достапни. Неговото однесување ја отсликува таа замислена доктрина и тој е крадец и непослушен ученик. Проблематичниот Карлос е преместен во ново училиште каде на прв поглед го препознава Рамон како иден партнер во криминалните води…

Продукцијата на браќата Алмодовар е на високо ниво и филмот изгледа комплетно автентичен за почетокот на 70-те години од минатиот век, кога Робледо Пук дивеел низ Буенос Аирес. Режисерот Луис Ортега одбива да ја користи вистинската приказна која ја има пред себе и создава своја верзија за настаните. Тој пишува фиктивно сценарио кое се базира на вистински настани, но е исполнето со необјасниви елементи кои разочаруваат во намерата од морален аспект. Ортега добива шанса на филмското платно да го наслика најбруталниот сериски убиец во историјата на Аргентина, но тој го прави спротивното.

„Ангелот“ е претставен како привлечен миленик кој го приморува гледачот да почувствува емпатија кон злосторникот. Аргентинецот успева во тоа и главниот лик Карлос (Лоренцо Феро) изгледа како забавен другар за кого родителите од дома ве советуваат да го избегнувате во училиште со цел да не влезете во неволја. Режисерот го гради дејството околку флегматичниот и бесчувствителен карактер на Карлос и неговите криминални авантури, но приказната во ниту еден момент не доживува кулминација со што го остава гледачот во исчекување за заплет кој на крајот сфаќате дека целосно отсуствува. Фантастичниот избор на музика ја разбива монотонијата и сувопарното дејствие, насловната песна за филмот од „La Joven Guardia“ која датира од далечната 1969 година останува многу подолго во меморијата отколку самиот филм.

Актерската игра на дебитантот Лоренцо Феро импресионира, тој изгледа како совршениот избор за улогата на Карлос. Неговиот физички изглед се поистоветува со вистинскиот лик и тој ја доловува бесчувствителната нишка која сака да ја прикаже Ортега. Неговиот партнер, Рамон т.е. актерот Чино Дарин е исто така добар погодок на кастингот и тој, како и Феро е извонреден во неговата задача.

„Ангелот“ на својот постер ја носи ознаката дека е филм базиран на вистински настани, но тоа очигледно е искористено во маркетиншки цели за да привлече поширока публика. Сценариото може да биде прикажано и како посебен филм, без да ја носи оваа ознака со што јасно ја гледаме замислата на Ортега. Филмот многу повеќе тежнее кон фикција отколку кон вистина, а за тоа говори и фактот дека режисерот и сценарист Ортега се губи во намерата да го прикаже Карлос како би/хомосексуалец (фикција) со што избегнува експлицитно да ги истакне сцените во кои протагонистот силно тежнее кон таа сексуална ориентација. Недостатокот на вистинска кулминација предизвикува нетрпение кај гледачот и го прави филмот здодевен. Единствено продукцијата, актерската игра и изборот на музика квалитетно се издвојуваат и го прават филмот гледлив.

Карлос Робледо Пуч е осуден на доживотна казна и сè уште е во затвор. Неговото криминално досие брои 11 убиства, 17 кражби, 2 киднапирања и едно силување, а сепак „Ангелот“ има сценарио кое се обидува да го прикаже злосторникот како супер забава. Барем кога Ортега веќе го прави тоа, одбива да биде директен за новосоздадениот карактер на серискиот убиец и само наговестува без потврда. Злосторниците заслужуваат да бидат претставени во вистинско светло, со портфолио на нивните тешки криминални дела, но и другата, приватната страна со добри карактеристики. Ортега се одлучил да направи забавна трилер/акција налик мисија на популарната видео игра „ГТА“ со возвишен озлогласен злосторник и потфрлил во правењето интересен филм, „Ангелот“ едвај заслужува внимание…

Оцена: 5.5/10

Филип Мишов

Have your say