Тивката бруталност на самотијата

Џејмс Греј во својот најнов, седми игран филм ги користи целестијалните тела како придружници на вистинската ѕвезда - скршената врска помеѓу еден татко и син.

Кон „Ад Астра“ во режија на Џејмс Греј; Сценарио: Џејмс Греј и Етан Грос; Директор на фотографија: Хојте Ван Хојтема .

До ѕвездите и назад. Стравот од помислата дека ресурсите на Земјата се лимитирани и со радикалниот пораст на популацијата нема да бидат доволни е оправдан. Човековата љубопитност и жед за знаење и истражување нови светови е исто така моќен фактор кој има инспирирано огромен дел од филмскиот опус на научната фантастика. Патот во вселената е веќе суб-категорија во филмските каталози, од поетичноста и филозофијата на Кјубриковата „Вселенска Одисеја“ па сè до (не)успешниот обид на Кристофер Нолан да ги поврзе астрофизиката и човековите емоции во „Интерстелар“ во една научна константа. Сепак, може да се аргументира дека ретко кој филм навлегува длабоко во сржта на психологијата на еден астронаут како „Ад Астра“. Џејмс Греј во својот најнов, седми игран филм ги користи целестијалните тела како придружници на вистинската ѕвезда – скршената врска помеѓу еден татко и син.

Рој Мек Брајд (Бред Пит во неговата емотивно најкомплексна улога) е астронаут како неговиот татко пред него (Томи Ли Џонс во перфектен кастинг) кој за жал исчезнал пред многу години во мисија да најде живот надвор од Земјината топка. Тоа и не е толку важно, зашто зад живописната и реалистична кинематографија на Хојте Ван Хојтема (кој е директор на фотографија и во „Интерстелар“) се крие интензивна студија на емотивно затворен човек. Пулсот на Рој никогаш не ја преминува границата, и тоа го прави перфектно достоен астронаут, но и следбеник на стоицизмот каде личните врски секогаш се споредни во неговиот живот во неговиот живот. Џејмс Греј е познат во новиот бран на американската незавизна сцена како мајстор на извлекување емоции од своите актери – Хоакин Феникс во „Двајца Љубовници“ (2009) и во „Имигрантот“ (2013) се само дел од неговото обемно искуство. Тој исто како и во неговите претходни филмови е фасциниран од потребата на мажите да се дистанцираат, да ги затвораат сите чувства во себе и да развиваат нездрави врски со своите родители со цел да не покажaт никаква слабост. Рој Мек Брајд е токму таков лик, но начинот на кој што Џејмс Греј го развива сценариото, му дава огромен простор и шанса на Бред Пит да покаже дека е далеку од просечно убаво лице. Публиката постепено навлегува во најдлабоките мисли и лавиринти на неговата хаотична мисла преку нарација, која иако не е најкреативното идејно решение во филм од ваков калибар, е комплетно ефектна. Ако во оригиналното театрално издание на „Блејд Ранер“ во 1982 година нарацијата го заслабнала сценариото, тука таа е алатка која на гледачот му помага да се сочуствува со ликот на Рој, со неговата загуба, жртва и персонален развиток во текот на филмот.

Ад Астра“ е филм за силата која е потребна да ја има човек за да ја прифати апсолутната вистина. Генијалното сценарио од Џејмс Греј и Етан Грос навидум искористило веќе видена приказна за еден осамен астронаут во вселената за да пренесат едноставна мудрост. Камерата и музиката на Макс Рихтер работат во совршена синхронизација во најинтензивните сцени: средбата помеѓу татко и син и моментот кога едниот конечно ќе сфати големата вистина. Тие само ја засилуваат атмосферата на комплетна изолација, очај и осаменост кога човек е во присуство на личноста која најмногу ја сака, но и најмногу ја повредува.

Љубителите на научната фантастика во стилот на „Вонземјанин“ од Ридли Скот и други остварувања кои ефективно користат забрзано темпо можеби нема да уживаат целосно во оваа 123 минутна приказна која се развива доста бавно. Тоа е сосема во ред, иако Џејмс Греј успеал да ја вметне можеби најефективната акциска сцена на борба во модерната кинематографија која се одвива во комплетна атмосферска тишина. „Ад Астра“ е несомнено технолошки подвиг, но и слатко-горчлива порака дека никогаш не е касно да се стане подобар човек.

Петра Бранковска

5/5