Апсурдноста на човековото постоење е сива комедија

"Секоја приказна од низата настани кои го сочинуваат овој филм се состои од минималноста на зборовите на нараторот или протагонистите во сцените кои се изгубени, осамени и скршени срца."

Кон „За бесконечноста“ во режија и сценарио на Рој Андерсон, кинематографија на Гергели Палос

За филм кој трае само 78 минути, најновото остварување на шведскиот маестро на баналноста предизвикува вортекс кој транспонира во средина каде времето не постои. Оние кои не се запознаени со неговата уметност, особено со победникот на филмскиот фестивал во Венеција во 2014, „Гулаб седеше на гранка додека размислуваше за егзистенцијата“, можеби би биле збунети од патешествието низ низа навидум неповрзани моменти кои совршено создаваат наративна кохеренција. Рој Андерсон како да направил спиритуално продолжение на третиот од трилогијата на Андерсон по „Песни од вториот кат“ и „You the Living“ кој суптилно, но многу моќно ја обработува баналноста на нашето постоење и болката која ја носиме додека критички се обидуваме да дадеме смисла на нешто толку случајно како што е човечкиот живот.

„Видов човек кој го изгубил својот пат; Видов човек кој ја изгубил својата верба“ се изговараат од наратор кој потсетува на дете со невиноста со која ги искажува скоро вознемирувачките реченици. Секоја приказна од низата настани кои го сочинуваат овој филм се состои од минималноста на зборовите на нараторот или протагонистите во сцените кои се изгубени, осамени и скршени срца. Интеракцијата помеѓу ликовите е искалкулирана и беспрекорно напишана за да се истакне апсурдноста на тоа што го бараат и рамнодушноста на општеството одоколу. Сепак, сценариото изобилува и со длабок, сув хумор кој е толку паметен што повикува на сочувствување со баналноста на проблемите кои ликовите ги имаат. Една сцена како да го има енкапсулирано човековото постоење во модерното општество на 21 век – преполн, тивок автобус во кој само еден човек гласно липа зашто не знае што сака, додека сите останати рамнодушно молчат. 

Рој Андерсон е ветеран кој дури во последните неколку години успеал да ги создава своите ремек-дела на домашно тло во свои услови и студио со пари заштедени од комерцијална работа. Тој факт е многу важен зошто е сеприсутен во филмот и надополнува за комплетното атмосферско доживување и губење во времето и просторот како што и самиот тој целел. Начинот на позиционирање на камерите да се статични во секоја сцена и да се фокусираат само на еден агол е такво креативно решение кое само придонесува за доловување на осаменоста на карактерите. Спектарот бои кои кинематографот Гергели Палос ги користи е уште еден круцијален дел од сложувалката за да естетиката предизвика атмосфера на очај, страдање и безнадежност. Таа е целосно потопена во ладни бои (бела, зелена, сива, сина, црна) кои се присутни во најмалите детали на мебел, опкружување и облеката на ликовите.

„За бесконечноста“ е брилијантно смешен, тажен, циничен филм кој ретко се прави, а уште поретко успешно. Тој е призма низ кој што гледачот може да се најде себе си во бар еден од многуте ликови со лимитирано време на екранот, и да допре баш таму каде што треба. Да се живее мора, а животот е ужасно слаткогорчлив токму како и сеќавањата за овој филм. 

Петра Бранковска

5/5