,,Никој не ги сака професорите по морал и етика.” – оваа реченица која ја кажува еден од главните ликови во серијата, Чиди Анагонје, универзитетски професор по морал и етика од Австралија, навистина дава увид во целокупниот заплет на интелектуалната и филозофска комедија на Мајкл Шур, еден од сценаристите на култната серија ,,The Office” со Стив Карел и креаторот на серијата ,,Parks and Recreation”.
За разлика од претходно споменатите серии, ,,The Good Place” става помал акцент на хуморот (иако тој е несомнено мудар, со многу алузии на сегашната и поранешна поп култура), но затоа надокнадува со своите бескрајни мисловни равенки пред кои се ставени протагонистите, a пак се нужно врзани за тоа што претставува етичко поведение на една личност. Серијата е комедија која отвора многу филозофски прашања – се граничи во својата приказна помеѓу научна фантастика и утописка фикција, која на моменти е и дистописка. Досегашните три сезони поделени во 39 епизоди се примени од публиката и критиката со многу позитивни пофалби и рецензии. Серијата е добитник на реномираните награди ,,Peabody” и ,,Hugo” – која се доделува за научно-фантастични содржини. Втората и третата сезона добиваат и номинации за ,,Emmy” наградите во САД.

,,The Good Place” има едноставен, но интересен заплет. Еленор Шелстроп (Кристен Бел) е известена од Мајкл (Тед Дансон) дека е мртва и дека е во ,,доброто место (good place)” од задгробниот живот, но има само еден проблем, Еленор не припаѓа таму и таа го знае тоа.
Што навистина значи да се биде добар човек? Дали тоа значи да се заслужи местото во ,,доброто место”? Дали е битно срцето, односно мотивацијата што некој ја има да го прави доброто дело? Дали наизглeд сите се добри, но длабоко во себе имаат делови од нивната личност кои се декадентни и самоуништувачки? Доброто место е совршената арена за пресметка на човекот со сопствената природа. Етиката изнесува многу дилеми, од Аристотел до Кант низ предавањата на професорот Анагонје во скоро секоја епизода се изложени разните етички доктрини: солипсизам, деонтологија, утилитаризам, хедонизам, стоицизам. На многу практични начини и со многу практични етички избори, хероите се борат да дознаат дали навистина тие припаѓаат во доброто место, односно дали тие во суштина се добри луѓе.

За Шур двигател во серијата е промената, односно во надежта дека постои промена и време на адаптација на таа промена за луѓето кои можат да се поправат и да живеат морален живот. Шур е оптимист дека човекот е битие кое може да се менува и да се подобрува, токму тоа е мотивацијата на главите ликови кои го превртуваат целиот задгробен живот токму со оваа верба во човечката природа.
Серијата има одлична сценографија, а таа многу придонесува во самата приказна. Од умот на Џенет – сезнаечко битие кои умее да креира сè што луѓето во доброто место можат да посакаат. Од куќи во скандинавско-примитивистички стил, до барокни вили, ,,доброто место” овозможува остварување на најдлабоките копнежи на луѓето кои тие со себе ги понеле во задгробниот живот. Решавање филозофски дилеми во дневна соба е лајтмотивот зад успехот на ,,The Good Place”, серија од која гледачите повеќе можат да научат отколку да се насмеат.
Четвртата сезона започна на крајот на септември, а по кажувањата на продуцентите тоа е и последната која тие сметаат дека ќе даде задоволителен крај за многуте фанови на серијата. Токму затоа оваа серија е и моја есенска препорака за изреката ,,Netflix and Chill”!
Кирил Дончов