Во сонетот, химна!

„Младеновиќ и трупата во длабокиот мрак наоѓаат зрак светло и го споделуваат со светот.“

Од изведбата на „Сонет 66“ на Битола Шекспир Фестивал, 25 јуни, 2018

Режија: Кокан Младеновиќ (Kokan Mladenovic)

Игра: Csiky Gergely Hungarian State Theatre Timisoara

 

“Tired with all these, for restful death I cry…”

 

Шекспировиот Сонет број 66 е атипичен по својата конструкција. Повеќето негови сонети  најчесто имаат пресврт, од  темно на светло, со доза на надеж  во себе. Светогледот на Шекспир во овој сонет останува мрачен скоро до самиот крај.  Кокан Младеновиќ и Унгарскиот народен театар Цсики Гергели од Тимисоара максимално ја експлоатираат таа насока. Младеновиќ  ја темели својата  претстава на односите меѓу луѓето во (пост)модерното општество.  Говори како се манипулираме и корумпираме медиумски, меѓучовечки, глобално, создавајќи  критика и деконструкција на „доцностадиумскиот капитализам“.

“And gilded honour shamefully misplac’d…”

„Сонет 66“ е, пред сѐ,  претстава на трупата. Младеновиќ го заснова својот концепт на брзи, куси вињети, од по неколку минути.  Целата трупа нив ги игра со жар, со извежбаност на една мала војска, до толку што е невозможно да се посочи еден како подобар или посилен од другите. Ова е особено за пофалба бидејќи Поповиќ од нив бара физичка, исцрпувачка игра. Од сцена во сцена, секој го носи факелот на фабулата, без да се почувствува заостанување или небалансираност.

Истовремено со нив, модуларната сценографија на Марија Калабиќ (Marija Kalabic) јасно ја обележува и најавува и динамиката на играта.  Сценографката успеала да ја направи сцената импозантна, но подвижна, па таа го засилува чувството на метаморфоза кое се јавува со секоја нејзина промена. 

“And art made tongue-tied by authority…

 

Гледајќи ја претставата,   може да погрешите и да помислите дека Младеновиќ е од тие умови кои само сакаат да ви го стемнат светот. Вистина е, адаптацијата ги гледа неправдите на светот.  Банкарот кој ја наплаќа својата унца месо, мракот со мудроста како управува, уметноста со јазикот зауздан од моќта.  Но Младеновиќ, наспроти шекспировиот велтшмерц, во сонетот наоѓа химна.  Одмерено, но цврсто, повикува на промени. Прекорува како учител, наместо како дефетист. Таа нишка на оптимизам и сатира, внимателно вплетена во тие 66 и ситно минути, суптилно ја менува композицијата на претставата. 

Младеновиќ е симпатичен и  заради силната желба да комуницира со публиката. Актерите испраксирано ја напуштаат сцената за да поразговараат со гостите,  да им подарат дел од реквизитите, да им позајмат некој денар. Ова ја зацврстува врската меѓу играта на сцена и желбата на Младеновиќ да ја соочи публиката со вистината.  Учителското во него се наоѓа и во неговата употреба на кредата, тоа типично даскалско помагало, како еден од главните реквизити. Со неа, актерите ја едуцираат публиката, но и се исмеваат на лекциите на модерното.  Нивната лекција, пак, е лесна за голтање, но тешка за сварување.  И тоа, секако, е намерата.

“Tirеd with all these, from these would I be gone,

Save that, to die, I leave my love alone.”

 

Со „Сонет 66“ , Младеновиќ  и трупата во длабокиот мрак наоѓаат зрак светло и го споделуваат со светот.  На крајот, исто како и во оригиналниот текст, надежта надминува. Топло препорачувам.

 

Текст: Атанас Димитров

Фотографија: Стефан Ѓорѓиевски

Have your say