
Како во еден час и четириесет минути да го „спакуваш“ сиoт кич, апсурд, трагикомедија и бесцелност на една власт, која поведена од своето его и илузија дека е спасител на народот се дави во сопствениот… путер?
Иако звучи како материјал за кој се потребни премногу време и труд за да се изнесе пред публиката и да не биде премногу за гледачот да го голтне тоа што му е сервирано, на независната театарска група Артопиа и режисерот Владимир Милчин им успеало да ја склопат претставата „Ужегнатост“. Напорна е и тешка за следење, но со концентрација и способност за препознавање референци, успева во час и 40 минути да направи ретроспектива на една деценија помината во апсурд.
Работена според досега непоставуван текст на Иван Вискочил, иако од 1965 година, преку сценографијата и костимографијата оваа претстава успешно ја потсети својата публика дека ликовите и околностите им се добро познати. Преку разурнато „Скопје 2014“ и макети на некои од најкритикуваните проекти на претходната власт, сценографот Крсте Џидров добро ја пренесува пораката дека имагинарната власт за која раскажуваат шесте актери била дел од нивната реалност долго време. За да продолжи да трае, требало само подобро да си ги чува путерот изладен и главата наведната.
„Ужегнатост“ раскажува за една истрага чија цел е да дознае дали една Управа добро и чесно ја работела својата работа. Трикот е во тоа што ниту истрагата, ниту Управата, имаат смисол и знаат што е нивната задача. Ни самиот истражувач, ни неговите субјекти, не се способни да го работат тоа што им е задача. Управата сместена во Белата палата (чија макета е, „случајно“, партиската зграда на ВМРО-ДПМНЕ) имала за цел само да ги успокојува своите шефови, покажувајќи им го путерот на своите глави чиј мирис ги зашеметува моќниците. Иако не правеле ништо друго, нивната работа „иако профитабилна, не била нималку лесна“. Путерот е и благослов и казна, кој им попречува да имаат нормален живот, врски, како и да уживаат во секојдневието. Сепак, тоа е живот во изобилие, а сакаат повеќе и повеќе.

Додека трае истрагата, будно ги следат и ги ловат сите детали од нивното работење две гротескни кабаре танчарки. Тие со страст ги раскажуваат сите детали за работењето на Управата, и иако неуки и глупави, се замислуваат себеси во Белата палата.
Актерките Наташа Петровиќ и Тамара Ристоска имаа најтешка задача – да го пренесат прегустиот текст и истовремено да служат како комична нишка во инаку тажната алегорија. Случајно или не, едната од нив зборува на источен дијалект, а другата има палто со дамки од боја. На крајот тие самите завршуваат во своја палата. Некомпетентни, збунети и опиени од идејата да имаат моќ и влијание, двата навидум споредни ликови служат како критика на моменталната реалност.
Смената на управите, палатите и расположението на истражувачите, не нужно значи дека промената е добра. Промената е неопходна, но изгледа секој кој ќе стигне до путерот и комфорот кој тој живот го носи, почнува да се дави и не може да го најде излезот од својата палата. Општеството е еден магичен круг.
„Ужегнатост“ зборува за моралната корупција и лицемерието на луѓето кои се сметаат себеси за спасители, не забележувајќи дека се претвориле во агресори. Зборува и за малограѓанството и неукоста на луѓе кои сонуваат да ги држат конците иако не се способни, додека целата креација им пука во рабовите.
Претставата е одлично одиграна, а тоа во содржаен драмски текст како овој не е лесен предизвик. Видливо е дека е посветено особено внимание на детали и референци. Суптилноста е особено значајна за медиум како драмата, а тука беше искористена колку што дозволува така збиен текст и динамично темпо.
Сепак, некој за кого Артопиа е новост на сцената или сака поедноставен и поимплицитен театар, можеби од „Ужегнатост“ ќе си замине збунет и уморен.
Стефанија Тенекеџиева