Урбано, возбудливо, забавно, неконвенционално, восхитувачко театарско доживување

„Двочасовно оттргнување од реалниот свет, претстава необременета од политичките превирања од регионот, без агресија, без шокирање на сетилата, претстава која успева да разбуди имагинација, да го сруши светот на опипливото и физички докажаното и возможното, претстава која останува долго во неколку слоеви од нашата свест и потсвест.“

Кон претставата „Ајнштајновите сништа“  работена по романот на Алан Лајтмен во режија на Слободан Унковски одиграна во МНТ на 30.05.2018, гостување на Југословенско драмско позориште од Белград.

Оцена: 5/5.

Има некој што се сомнева во успешноста на Унковски во поставување на возбудлив и неконвенционален драмски текст каков што е Ајнштајновите сништа? Ако има, нека помине два часа во театар и нека излезе разуверен и маѓепсан.

Сценографија: бродска палуба и време! Се прашувате како се прикажува времето на сцена? Numen/for use ви одговараат: многу едноставно. Јажиња распнати низ целиот простор, и сцена и гледалиште делуваат како некој да пробал да го заробил времето, фрагментирал, пробал да го фати, осознае. Одличната актерска екипа составена од Драган Миќановиќ, Анита Манчиќ, Бранко Цвејиќ, Наташа Тапушковиќ, Бранка Петриќ, Марија Вицковиќ и останатиот дел од ансамблот на Југословенско драмско позориште, мајсторски режирана од Унковски, драматизација на Русомир Богдановски, костими на Лана Цвијановиќ како и музиката на Златко Ориѓански, креираат вистинско театарско уживање.

Романот „Ајнштајновите сништа“ на Алан Лајтмен кој е американски физичар, писател и професор на MIT, е бестселер кој прв го поставува како драмски текст Слободан Унковски. Тој неверојатно имагинативно раскажува фантазија,  (не)отсонувани соништа на Ајнштајн за времето. Ризична структура за поставување, но Унковски успева да конструира драма по текст кој досега не е интерпретиран на овој начин.

Приказната е сместена за време на едно фиктивно патување на Ајнштајн од Европа во Америка, 1933 година, на бродот „Annus Mirabilis“. Тој сонува сонови кои се негови, а можеби и не се, а можеби не ги ни сонува, а се толку живи, физички необјасниви, надреални, но тука се пред сите нас, треба само малку да го отвориме умот за да заживееме во нив. Сонови за светови каде времето е нелинеарно, каде последицата доаѓа пред причината, или животот е ден, или деновите се бесконечи, каде луѓето се залепени во една точка во времето или можат да влијаат на неговиот тек…

Актерската екипа со леснотија и уживање одигрувајќи ја секоја зададена улога, реална, а во фиктивно (фантазмично) време и место, неусилено ја води приказната, ниеден не доминира, а сепак сите имаат главна улога. Актерките за нијанса поубедливи од актерите, брилијантни изведби на Анита Манчиќ, Бранка Петриќ, Марија Вицковиќ и Наташа Тапушковиќ, природни, прецизно доделени и одиграни улоги. Драган Миќановиќ ненаметливо нè води низ неговата приказна на сцена, а и низ нашите сопствени со смирена и убедлива игра сосема веродостојно пренесувајќи ја претпоставената Ајнштајнова внатрешна борба со идеите.

Актерите имаат неколку улоги, некои сосема спротивни една од друга, а сите се одиграни одлично, секој карактер со свој посебен печат, а лесно, атрактивно, возбудливо.

Двочасовно оттргнување од реалниот свет, претстава необременета од политичките превирања од регионот, без агресија, без шокирање на сетилата, претстава која успева да разбуди имагинација, да го сруши светот на опипливото и физички докажаното и возможното, претстава која останува долго во неколку слоеви од нашата свест и подсвест.

Ивана Панчевска

Have your say