Убиството на идеалот боли и кога се рапува!

...„перформанс кој поседува потенцијал да го прошири просторот на алтернативната театарска сцена во Македонија и креациите кои излегуваат од неа.“

Кон изведбата на „Црнила remix“ на МОТ 2018.

Идеја и режија на Јордан Симонов, работена според „Црнила“ на Коле Чашуле.

Играат Сања Арсовска (Неда), Павле Димковски (Христов), Стефан Вујисиќ (Луков), Владимир Петровиќ (Иван), Александар Михајловски (Фезлиев), Горан Ников (Методи) и Ненад Анѓелковиќ (Младичот).

Разговараат Атанас Димитров, Дамијан Каранфилов и Јована Ѓорѓиовска.

 

 

А: Кога „миксот“ е добар во Црнила Ремикс, се чувствувате како да сте сопатник на ансамблот во едно впечатливо мултимедијално патување. Учесниците во перформансот го градат интензитетот еден наспроти друг, внимателното штелување на аудио каналите (Симон Кипровски) го засилува ритамот, приказната вие и се извива во етерот околу вас. Силниот, авторитативен текст на Коле Чашуле е збогатен од музиката и препевот на Дарко Димитриески и Павле Димковски од „Зад Аголот“, без да изгуби ни малку од својата директност и јасност.

Д: Доколку се уште постојат „трки“ за најдобар музички албум на годината кај нас, тогаш „Црнила remix“ е сериозен кандидат за добитник на таа титула. Препевот му дава поинаква ритмичка структура на текстот на Чашуле. Доволно стабилен, на моменти певлив, но постојано моќен по содржината и изведбата. И по недела дена поминати од перформансот, импресиите од изведбата не стивнуваат, а со нив и потребата за повторно преслушување на целиот албум.

Ј: Лично, најимпресионирана бев (и сѐ уште сум) од Михајловски. И покрај предизвикот истовремено да рапува, да глуми и да оствари однос со колегите и  публиката, Михајловски владее на сцената и целосно го „живее“ проклетството на Фезлиев. Со необичниот предизвик добро се носи и Вујисиќ чија гласовна прецизност беше клучна за одличната раперска изведба на репликите, особено кога конечно, по краткиот танц, се опушти и стана Луков на 21-виот век. И секако, „Како Ѓорче да не е Ѓорче, ко да е игла“ изведена од Петровиќ во можеби најдобрата сцена во претставата, уште ми одѕвонува во глава.

Д: И во моето уво „заглави“ таа нумера. Музички заразна и интерпретациски обликувана со чиста интонација, дикција и рецитации не во целост, но сепак потпрени на воздух. Морам да речам, ансамблот како да не успева комплетно да ја одржи рамнотежата, бидејќи некои членови на „Организацијата“ имаа мака со држење на ритамот кој беше слушлив во нивните пеења/рецитации.

А: Се забележува кога на некому му е подготвен текст кој не е вокално соодветен или кога изведувачот не се чувствува телесно слободен да се движи на сцената додека рапува. Тоа што сцената е сосема празна дополнително ги изолира и не им дава да ги сокријат и најмалите промени во ставот, телесниот говор, кореографијата.

Д: Микрофоните со кабли се уште еден хендикеп во слободата на играта, а недефинираното сценско движење се гледа и во постојаните влегувања и излегувања од сцената, кои брзо станаа монотони.

А: Токму така, транзициите меѓу сцените изгледаат поблиску до паузите меѓу две песни на албум, па кога ќе се издолжат влијаат на тоа да се изгуби малку од тој ритам кој треба да ја натера публиката да заборави дека е во столчето и да ја пренесе на сцена.

J: На тема потенцијал за подобрување, (иако ова веројатно се должи на моето феминистичко читање на Чашуле), наместо Неда претопена во машкото друштво, во неа би можеле да ја видиме клучната противтежа на револуционерите како што тоа е Евдокија за Мане во „Буре барут“, Велика за Јон во „Пиреј“ или ако зборуваме со речникот на хип хопот, Бијонсе за Џеј Зи.

А: Генерално, претставата заслужува да се добруси технички – учесниците да имаат слободни раце, да можат да ги играат своите улоги со полна доверба. Тоа што не бара никакво дополнување е жарот и креативната енергија кои се вложени во перформасoт – во своите најдобри моменти, „Црнила Ремикс“ просто – зрачи!

Д: Симонов смело зачекорил во експериментот наречен хип хоп препев на „Црнила“ и тоа е за огромен поздрав. Потрагата на режисерот по форма во која македонската класика „Црнила“ ќе може да се пласира на младите генерации резултирала со перформанс кој поседува потенцијал да го прошири просторот на алтернативната театарска сцена во Македонија и креациите кои излегуваат од неа.

Фотографии: Кире Галевски

Have your say