Убавината на тагата

„Претставата ја транспортира публиката на сцена, а ликовите, извлечени од колективната потсвест, одѕвонуваат во иста фреквенција со нејзиниот внатрешен монолог.“

Од изведбата на „Физика на тагата“ на Бела Ноќ, 06.10.2018, во Скопје.

Режисер: Милош Андоновски

Изведба:  Театар Куманово

Има ли тагата вкус, мирис, боја? Може ли да се измери? Да се процени или пресмета? Тим на искусни физичари тргнува да ги открие овие одговори. Романот на Георги Господинов, „Физика на тагата“, има важна улога во ова истражување. Физичарите го читаат и мерат, одигрувајќи сцени од кратките приказни во него. Драмската адаптација на Ивана Нелковска го создава сврзното ткиво меѓу сцените и дава конкретна форма на наративот на Господинов. Трагичните ликови од романот се балансирани од комично надмените физичари на Нелковска. Повеќе од само „пополнување“ на празнините, таа создава комплементарно дело, вдахнувајќи му живот со напонот на кратките приказни од романот.

Подвижни полици со книги и неколку внимателно одбрани реквизити го обележуваат просторот. Наташа Вчкова го исцртува со лесна рака светот на претставата со оваа модуларна, мобилна сценографија. На неа, физичарите ги истражуваат приказните од романот, барем отпрвин со научничко внимание и строгост, за брзо да бидат вовлечени во нив.

Симона Димковска ја оправдува целосно поканата од режисерот да се придружи на ансамблот за оваа претстава. Таа и Јасмина Василева (одлична во улогата на Гаустин, оптимистично неуспешен пронаоѓач), го преземаат „кормилото“ на сцената во некокуте клучни моменти, внесувајќи енергија и нијанси во нив. Актерите од кумановскиот театар се враќаат од маргините на културното поле, на центарот на сцената. Повеќе од тоа, докажуваат дека заслужуваат да бидат гледани. Ги растегнуваат крилјата и – полетуваат. Ова не е без повремени излегувања од формација, но тоа не одзема премногу од впечатокот. Андоновски внимателно го поставил кастингот за да одговара на темпераментот на актерите и ансамблот како целина, па и повремените недоследности во играта не ја буткаат насоката на претставата надвор од колосек.

Клучниот успех на Андоновски е внимателното темпирање на подемите и падовите, на ритамот со кој претставата дише. „Физика на тагата“ успева да биде верна на својот наслов и да ја истражува тагата без да стане зависна од неа. Приказните на различните ликови никогаш не се еднодимензионални, само тажни за да бидат тажни. Тие се искрени, интересни, а понекогаш и смешни. Набљудувајќи ги нив, се набљудуваме и себе. И во тие, најпроникливи сцени, е тајната формула на „Физика на тагата“. Претставата ја транспортира публиката на сцена, а ликовите, извлечени од колективната потсвест, одѕвонуваат во иста фреквенција со нејзиниот внатрешен монолог. Квалитетот на изворниот текст, засилен од силната емпатија на режисерот и целиот ансамбл, создал претстава вредна за гледање. Топло препорачувам.

Текст: Атанас Димитров

Have your say